Навивачи и легенди на Левски ќе го носат Лацио во Софија

Сумата која ја побара тимот од Рим за да му гостува на бугарскиот клуб е превисока за раководните луѓе на Левски, но не и за нивните навивачи.

Левски Софија оваа година слави 100 години од своето постоење, а свечениот јубилеј ќе го одбележи со пријателски натпревар против Лацио кој ќе се одигра на 23 мај во Софија. Италијанскиот клуб побара 150.000 евра за гостувањето, но според пишувањата на бугарските весници, Левски не бил во можност да му ја плати таа сума.

Навивачите на бугарскиот клуб успеаа да соберат 75.000 евра, а за останатата половина ќе се погрижат спонзори и донатори меѓу кои напаѓачот на Левски, Валериј Божинов кој настапуваше за неколку клубови во Серија А, како и поранешниот играч и тренер на клубот Георги Иванов – Гонзо кои ќе донираат по 2.500 евра.

Левски Софија е вториот најтрофеен бугарски клуб со 26 национални титули и единствен од оваа земја кој се има натпреварувано во Лигата на шампионите во сезоната 2006/2007.

Навивачите групи на Левски и Лацио се збратимени, а на неодамнешното гостување на тимот од Рим во Софија на меч од Лигата на Европа против Лудогорец, италијанскиот тим доби дополнителна поддршка од навивачите на Левски, како и од македонски лацијали.

15 мај 2014 - 11:57