Судот за спортска арбитража во Лозана ја усвои жалбата на Фудбалскиот сојуз на Албанија за прекинатиот меч кој се одигра во октомври минатата година во квалификациите за Европското првенство 2016. Освен бес кај фудбалската јавност, тоа ги зајаде и премиерите на двете земји.
Прв твиташе премиерот на Албанија кои се израдува за трите бода од контроверзниот меч, а потоа реагираше и Александар Вучиќ.
„Европската правда по којзнае кој пат се претвори во светска неправда. Оние кои го испровоцираа инцидентот се наградени, а жртвата е казнета“, напиша српскиот премиер Александар Вучиќ на Твитер, а подоцна му искоментира и на Еди Рама:
„Одлуката на судот во Лозана е срамота за правото, правдата и претставува навреда за сите нормални луѓе“.
Препукувањата на социјалните мрежи помеѓу двајцата премиери продолжија:
Бурно реагираа и српските медиуми.
Моцарт: „Европскиот Суд не ја сака Србија, Албанија победи во Белград”
Журнал: „Судот во Лозана подобар од УЕФА. На Албанците им се доделени три бода”.
Б92: „Албанија плус 3 бода, Србија минус 3“.
Спортски: „Шок во Лозана. Нас ни останува дронот, на Албанија трите бода”.
На оваа одлука Албанците да го добијат службено дуелот со Србија реагираа и од Данска кои играат во истата квалификациска група за ЕП 2016.
„Одлуката е резултат на лобирање. Несфатлива е одлуката“, изјави данскиот селектор Мортен Олсен .
Tој додаде и дека сега патот на Данска до ЕП во Франција е комплициран. Во септември Данска ја пречекува Албанија. Двете селекции сега имаат по 10 бодови, но Албанија има натпревар помалку.