Нант во солзи го одигра првиот натпревар по несреќата на Сала

Сè на стадионот „Стад де Божуар“ синоќа беше во чест и спомен на исчезнатиот аргентински фудбалер за кого плачеа сите на стадионот - играчи, тренери, управа, навивачи, редари.

Поранешниот центарфор на Нант, Емилијано Сала на 21 јануари исчезна во малиот авион над каналот Ла Манш кој досега не го пронајдоа. Во средата претпладне биле пронајдени некои помали остатоци од авионот, соопшти Службата за авионски сообраќај на Велика Британија.

Во средата вечер, неговиот доскорешен клуб Нант го одигра првиот меч по трагедијата, и на стадионот „Стад де Божуар“ навивачите полагаа свежо цвеќе и шалови во импровизираниот меморијал за Аргентинецот.

Фудбалерите на Нант излегоа на теренот со презимето Сала на дресовите. На терен излегле во маици со натпис: „Те сакаме, Еми“ и Pray for Sala.

Пред почетокот на мечот против Сент Етјен, навивачите на Нант на трибините кренаа мозаична кореографија во чест на Сала. 

На натпреварот во Нант дошле и навивачи на Кардиф - клубот со кој Емилијано потпиша на само неколку дена пред трагедијата.

Со себе, навивачите на Кардиф од Велс понеле и трогателен банер: „Никогаш не те видовме како играш и даваш голови. Но Емилијано, наша сина птицо, ќе те сакаме засекогаш.“

Во 9’ минута натпреварот беше прекинат за 1-минутен молк во чест на човекот кој го носеше бројот 9 на дресот во Нант.

Погледнете ги очите на тренерот на Нант Вахид Халилхоџиќ:

Најзагреаните навивачи на Нант подготвиле посебен банер со портрет на Аргентинецот. А на една од трибините развиле и огромно знаме на Аргентина и банер: „Емилијано, оваа вечер трибинава ќе збори со аргентински акцент.“ 

Мечот заврши нерешено. Реми Кабелја ги доведе гостите од Сент Етјен во водство во вториот дел, но Маџид Уорис го израмни резултатот на 20 минути пред крајот и се знае кому го посвети голот:

После мечот тренерот кој многу придонесе Сала да стане врвен напаѓач, Босанецот Вахид Халилхоџиќ

:

„Ова беше најтешкиот меч во мојата кариера. Горд сум на своите играчи, горд на поддршката од навивачите. Никогаш нема да го заборавиме Емилијано. Тој беше одличен дечко. Но животот продолжува. Се надевам дека играчите одново ќе најдат насмевки.“

На сајтот на Нант се продаваат и маички со ликот на Сала и предвидено е сите средства од продажбата да одат во фондот за продолжување на потрагата.