Келн ја игра една од најслабите сезони во клупската историја. Откако во четвртокот во Белград загубија од Црвена звезда 1-0 и испаднаа од Лига Европа, во германското првенство се на чекор од провалија во втора лига.
„Јарците“ се последни со мизерен учинок а Фрајбург исто беше во зоната на испаѓање. Келн пред една недела смени тренер, а трите бода од овој меч им беа злато вредни. И тргнаа страшно, во првите 30-ина минути дадоа три гола и водеа убедливо. Но снегот повторно падна и го натрупа теренот...
Работниците пак се фатија за лопати и мечот продолжи. А во продолжение од дуелот Фрајбург направи страшен камбек и славеше со 3:4!
Хет трик за Фрајбург постигна поранешниот играч на Баерн Минхен Нилс Петерсен при што вториот негов гол го постигна од пенал во 90. минута а третиот (победнички) во 95-та, исто од пенал. Келн изгуби, екипата има само 3 бода после 15 меча и испаѓањето е скоро загарантирано.
Необично, во време на мечот имаше и една забавна еписода, кога судијата и играчите не можеа да ја најдат белата точка кај пеналтикот. Тоа се случи во 16’ минута а пеналот го реализираше домашниот играч на Келн Гираси.
Еве ги головите од најлудиот меч во Европа:
Келн на мечот со Фрајбург го водеше тренерот на младинците Стефан Рутенбек. Откако на 3. декември Келн му даде отказ на Петер Штегер, Рутенбек ја презеде екипата.
Чудно е што денес Штегер добил работа како тренер на Борусија Дортмунд која го избрка тренерот Петер Бос. Штегер лани го одведе Келн во Европа после цели 25 години, но сезонава ја почна катасторфално.