
Швајцарската фудбалска опсерваторија CIES ја изработи статистиката која покажува кои од учесниците на Мундијалот во Русија ќе настапи со најмногу одиграни минути во периодот од 1 јули 2017-та до 31 мај 2018-та на сите натпреварувања.
Не дека згуснатиот распоред низ сезоната со првенствени, куп натпревари, како и средби во ЛШ, ЛЕ и плус репрезентативни не може да не влијае во големиот напор на играчите, но сепак тоа не треба и не може секогаш да биде алиби за неуспех.
Англичаните за кои секогаш се зборува дека имаат неподносливо тежок распоред без зимска пауза не се први по овој параметар. Најмногу фудбал изминатава сезона имаат репрезентативците на Шпанија кои заедно имаат одиграно вкупно 85.554 минути.
Потоа следуваат Французите со 81.982 минути, па Бразилците со 80.533 минути, а Англичаните се четврти со 76.476 минути. Во просек секој член на Гордиот Албион сезонава одиграл по 37 натпревари со вкупно 3.325 минути.

Поделено во играчи, прв на табела меѓу 736 учесници на СП 2018 е голманот на Спортинг Руи Патрисио со 61 натпревар или 5.490 минути. Што значи прв меѓу играчите, а да не е голман е младиот дефанзивец од Салцбург, Дује Чалета Цар, кој ќе го гледаме како репрезентативец на Хрватска.

Со оглед на тоа што Марсело и Каземиро со Реал и Фирмино со Ливерпул стигнаа до финале, Алисон со Рома до полуфинале, Бразилците се лидери по број на одиграни минути во ЛШ со скоро 2.000 повеќе од Шпанија. Тука Англија котира на шесто место.

И покрај оваа статистика, Свен Горан Ериксон кој ја водеше Англија на СП 2002 и 2006 смета дека тимот на селекторот Саутгејт ќе има проблем со замор.
„Ако си играч во Премиер лигата, тоа значи дека играш многу натпревари. Тоа е најголемата причина зошто Англија се мачи да оствари големи резултати на големите натпреварувања“, изјави Ериксон.
Сите 23 англиски репрезентативци се членови на Премиер лигата каде точно е дека нема пауза, ама точно е и дека Шпанците, Французите и Бразилците сезонава имаат поголема минутажа од нив.
Плус пред четири години тимот на Рој Хоџсон влезе како учесник на Мундијалот со 4.000 одиграни минути помалку од составот на Јоаким Лев. Дали тоа значеше дека Англичаните беа посвежи од Германците? НЕ.
Германија го освои Светското откако ја совлада Аргентина во продолженија, а Англија заврши на последното мество во својата група и си замина дома без ниту победа.