„Благодарен сум му на клубот и на Луи Ван Гал кои ми пружија прилика да се рехабилитирам и почнам со тренинзи. За кратко време како сум во Манчестер, сфатив дека сум во посебен тим. Со Ван Гал тренирав во Барселона и за мене е како сон повторно да работам со него“, изјави Виктор Валдес на промоцијата кај тренерот кој на 20 години првпат го внесе во првиот тим на Барселона.
„Тој не се придржува до нашата философија. Тоа е дека колку играш, толку ќе бидеш во форма. Тој не ги следеше тие принципи и во тој случај одговорот е еден: излез", изјави Холанѓанецот на прашањето зошто Валдес е избркан од првиот тим.
Маката на Валдес продолжила, му бил откажан трансферот во Бешикташ во последен момент, а ситуацијата во Јунајтед не се менуваше. Му забраниле да тренира дури и со втората екипа, му го земале личниот шкаф во соблекувалната и отстранет е од тимот.
„Осум месеци поминав сам. Ми забранија контакт со другите фудбалери на тренинзите и за цело време тренирав со Алан Фетис (тренер во академијата на Јунајтед). Еднаш го прашав Алан што ќе се случи ако го голтнам јазикот или случајно изгубам свест? - Носам мобилен со мене, јас ќе викнам Брза помош ми одговори тој. Тогаш бев убеден дека е време да одам", раскажува шпанскиот голман.
Во јануари 2016-та избега од Англија и замина на позајмица во Стандард Лиеж, Белгија. На 34 години беше среќен што ќе игра фудбал после толку долго време иако и во Белгија биле зачудени што некој го потпишува.
„Виктор конечно стана наш играч, но ние го имаме Гиљом Убер кој е млад голман а брани така самоуверено и мислам дека немаше потреба од нов голман" - изјави играчот од средината на теренот Матје Досеви, но Виктор бил толку воодушевен што пак ќе брани и не обрнал внимание на оваа изјава ниту на просечниот белгиски шампионат.
Шпанецот дебитираше за Стандард во Леувен - познат град источно од Брисел. На крајот од мечот кога одел кон автобусот газел по кал, го немало луксузот од Барселона, но бил среќен што повторно ќе скока по топките како некогаш пред полни стадиони.