Најдобриот резервен голман пеналџија во клупската историја на Ливерпул

Многу топ тимови од Премиер лига имаа неуспешен настап во англискиот Лига Куп: испаднаа Челси, Арсенал и Тотенхем а близу испаѓање беше и Ливерпул кој против Дерби Каунти се спасуваше на пенали.

За волја на вистината, Јирген Клоп поради целиот згуснат распоред и во пресрет на Светското првенство реши да ги одмори сите првотимци за средбата со Дерби Каунти, па во прв тим влегоа младите Келвин Рамзи, Стефан Бајчетиќ, Боби Кларк, Фабио Карваљо, Лејтон Стјуарт и Мелкам Фрауендорф со по некој поискусен како Гомез, Цимикас и Окслејд-Чембрлен.

Црвените добро го контролираа натпреварот од Лига Купот, создадоа неколку шанси но не ги искористија. Пред крајот на мечот Клоп пробал да го скрши оревот и со Роберто Фирмино и Дарвин Нуњез но ни тие не успеаа па средбата заврши 0:0.

Тогаш на сцена стапи 23-годишниот ирски голман Куивин Келехер кој во пенал рулетот одбрани дури три пенали! И беше најзаслужен што Ливерпул го совлада Дерби Каунти и се пласираше во следна рунда.

Интересно, еден од двата погодени пенали за Дерби ги реализирал Конор Хурихејн кој со голманот Келехер заедно игра за репрезентацијата на Ирска. 

А Хурихејн беше дел и од уште еден необичен меч, оној кога подмладениот Ливерпул кога првиот тим беше на Светско клупско првенство, беше декласиран од Астон Вила исто во Лига Купот. На голот тогаш бранеше Келехер, а Хурихејн од слободен удар го постигна првиот погодок. На крај Вила ги згроми црвените со 5:0.

Решавачкиот пенал на мечот Ливерпул - Дерби Каунти сега Келехер му го одбрани на Луис Добин кој е позајмен од Евертон.

КЕЛЕХЕР Е РЕКОРДЕР ВО ЛИВЕРПУЛ, ЗА 18 МЕЧА УРНАЛ ДВА РЕКОРДИ

Со триумфот на „редси“ против Дерби Каунти, 23-годишниот Келехер обнови неколку клупски рекорди на Ливерпул:

- Младиот Ирец Куивин сега има четири победнички пенал серии за Ливерпул од четири колку што ги бранел. Ниту еден голман во долгата 130-годишна историја на клубот од „Енфилд Роуд“ не одбранил повеќе пенали во пенал серии.

- Келехер во сите тие серии одбранил дури шест удари. Ниту еден голман не фатил толку пенали претходно. Ни Дудек, ни Рејна, ни Алисон, ни Гобелар. Пепе Рејна има пет одбранети пенали во пенал серии.

- Притоа Ирецот дури и постигнал гол во пенал рулет - со неговиот погодок лани славеа во големото финале на Лига Куп со Челси. Најубав момент во кариерата на овој голман.

„Секогаш сум зборувал дека Лига Купот ми даде многу можности за да играм. Затоа секој пат кога играм во Купот сакам да поминам понатаму - тоа ми дава можност да играм уште еден меч“, вели Куивин Келехер.

Но 23-годишниот репрезентативен резервен голман на Ирска сака да брани повеќе и стандардно на клупски план затоа што во последните неколку сезони седи на клупа во Ливерпул. Постојат и информации дека Јирген Клоп покажал интерес за нов резервен голман, 29-годишен анонимен Германец, Патрик Древес од Зандхаузен.

Го гледаат како замена за Алисон а Адриан и Келехер би требале да заминат во догледно време. За Келехер има интерес од некои англиски премиерлигаши. Минатото лето неговиот конкурент за место на голот од репрезентацијата на Ирска, Гавин Базуну од академијата на Манчестер Сити замина во Саутемптон кој тотално несфатливо за голман без првотимско искуство плати 14 милиони евра.

Келехер има неколку натпревари и во Лига на шампиони и Премиер лига (Алисон кога отсуствуваше). Куивин бранел на 18 меча во Премиер и ЛШ и има 9 без примен гол што е рамно половина. Одлична статистика поради која Ливерпул може да бара многу поголема сума за резервниот голман.

11 ноември 2022 - 12:07