Админот на страницата очигледно дека е доста добро поткован, со оглед на тоа што копа најдлабоко во историјата на нашиот фудбал и им дава предност на легендите од минатото.
Голман се знае, Драган Мутибариќ. Лев бек е Кирил Симоновски Џина, кој тешко дека го знаат помладите со оглед на тоа што е роден 1915-та. Се работи за првиот македонски спортист што успеал да ја носи капитенската лента на една југословенска репрезентација и прв македонски спортист носител на златен медал на официјално меѓународно натпреварување од Балканското фудбалско првенство. Има 75 натпревари за Вардар и е прв македонски фудбалер што заиграл за Партизан. Има 10 настапи за Југославија.
Десен бек е Вујадин Станојковиќ кој иста така настапуваше за Вардар и Партизан, како и за Југославија и Македонија. А сега внимавајте добро на стоперското дуо составено од Кирил Дојчиноски и Илија Најдоски. За славниот Дојчин кој почина лани на 78 години, велат дека според елегантниот стил потсеќал на Бекенбауер. Направи голема кариера во Вардар, Црвена Ѕвезда, Троја и ФК Париз, а дебито за Југославија му е на квалификациска против Шпанија во 1968-ма. За Најдоски нема потреба да се трошат зборови. Столб.
Од тоа време е и Методија Спасовски, човекот кој му има дадедно гол на Бразил на Маракана. Знаете друг наш таков? Се работи за пријателска одиграна во 1968-ма на која за Југославија настапил и Дојчин. Фоторепортерите го фатиле заедно со Пеле.
Во среден ред се и една од најголемите вардарови легенди Кочо Димитровски кој е рекордер со 845 настапи за Вардар, како и моторот Тони Савевски кој од Вардар направи трансфер во АЕК Атина каде играше 13 сезони.
За триото во напад има ли потреба да трубиме? Пандев - Панчев - Милко Ѓуровски.
Инаку постот привлече купишта коментари кои не се дочитуваат, а меѓу многумината играчи кои читателите сметаат дека заслужуваат место во тимот, споменати се Бошко Ѓуровски, Васил Рингов, Седловски, Бабунски, Канатларовски, Сетинов, Елмас...
Админот одговара вака:
A taj? A ovaj? Ja znam još bar 50 vrhunskih igrača, ali umesto koga?