Најчудната тетоважа во светот на фудбалот

Кај фудбалерите обично модата доаѓа на бранови, па така ако некоја ѕвезда промовира хит фризура или се бланшира, ете ги стотици како крдо исто фарбани следниот викенд. А исто е и со тетоважите, со тоа што има такви кои се решаваат за луди одлуки. Како на пример 36-годишниот уругвајски голман Себастијан Соса кој цела кариера ја помина во Јужна Америка и никогаш не бранеше во Европа.

Себастијан Соса досега бранеше за неколку јужно-американски клубови меѓу кои најпознати се Пењарол, Бока Хуниорс и Индепендиенте каде е и ден денес. Сезонава има 22 меча, а летово запиша и настап за Уругвај во триумфот на пријателски меч против Панама (5:0).

Познат е по лудата тетоважа на задниот дел од главата. Соса пред некое време изјавил дека косата почнала да му паѓа драматично откако го прележал вирусот кој го зафати цел свет во последните пар години.

Соса имал Ковид во летото 2020 и набрзо почнала косата да му паѓа.

„Ми паѓаше драстично косата па решив да се избричам. Отсекогаш сум сакал лавови, па затоа тоа и сакав да го истетовирам на задниот дел од главата“, вели Соса.

За тетоважата да биде комплетирана требале цели седум час.

„Мене не ме болеше тетоважата. Кога тату-мајсторот почна, јас го прашав „почна ли“? Ова ли е тоа што викаат боли? Вистината е дека долго траеше, околу шест-седум часа. Сега имам лав позади. Ако некогаш сакам косата да ми порасне повторно, ќе ја покријам тетоважата а ако сакам да ја покажам (тетоважата), ќе ја бришам главата“, вели Соса кој беше на клупата за резерви на мечот Канада - Уругвај (0:2) и најверојатно ќе патува на Светско првенство со свои 36 години.

6 октомври 2022 - 14:07