Најболна навреда во историјата на шкотското дерби, навивач доживотно избркан

Фудбалерите на Селтик во неделата го победија најомразениот ривал Ренџерс на неговиот Ајброкс со 0:2 и со 12 бода се осамостоија на првото место.

Со головите на Едуард во 32’ минута од првиот дел и Хајс во 90+3’ минута, Келтите однесоа голем триумф од домот на Ренџерс, после 4 кола имаат 4 победи и со 12 бода се први.

Овој триумф макар малку ќе им ги залечи раните од прераното испаѓање од Европа каде романскиот Клуж ги потопи среде Шкотска и ги елиминираше.

Да се вратиме на дербито.

Скот Браун е фудбалер од средниот ред и долгогодишен капитен на Селтик (од 2010-та). Има 34 години и важи за најголемиот фајтер во шкотскиот фудбал. За репрезентацијата на Шкотска има 55 настапи а за Селтик од 2007-ма до денес, преку 350 натпревари.

По крајот од мечот, некој навивач на Ренџерс, класичен морон, додека Скот Браун одел кон клупскиот автобус, му дофрлил: „Како е сестра ти?“, а сестрата на капитенот на Селтик починала во 2008-ма на свои 21 година поради рак на кожата.

Браун се завртел стаписан од тоа што го слушнал, а полицијата ја расчистувала гужвата. Видео од овој одвратен чин постои, така што Ренџерс веќе соопшти дека лицето ќе добие доживотна забрана да влегува на нивниот стадион, а полицијата го бара малоумникот.

Скот Браун неколку пати изјавувал колку тешко ја поднел болеста и смртта на неговата сестра, така што во редот мизерни и ниски навреди на сметка на Селтик и Ренџерс, оваа е досега незапаметена.

4 септември 2019 - 10:02