Меси во своите витрини има дури четири Златни Топки како најдобар фудбалер на светот во една година. Прогласуван е за најдобар фудбалер на Светско првенство, најдобар играч во изборот на УЕФА, спортист на годината во Аргентина и во неговиот роден град, најефикасен играч на Копа Америка и уште многу други индивидуални награди кои тешко се бројат.
Сепак, на општо изненадување, на Меси му фали една награда а да не е титулата Светски шампион со Аргентина. Иако со години е еден од најдобрите стрелци во Примера, Лионел Меси ниту еднаш досега не е прогласен за играч на месецот во шпанското првенство.
Оваа награда постои 18 месеци, востановена е во септември 2013. година, а Меси не ја добил ниту еднаш. И не само тој, туку ниту еден фудбалер на Барселона. Иван Ракитиќ ја освои лани, но како фудбалер на Севиља.
Звучи чудно, особено ако се има предвид податокот дека во март минатата година Меси постигна дури 9 голови за 30 дена во Примера.