Унгарскиот евреин, Бела Гутман бил Жозе Мурињо во неговото време. Тој бил успешен тренер, но во ниту еден клуб не се задржал подолго време.
Во Бенфика пристигнал во 1959-та година и таму се задржал дури 3 години. Со Гутман на кормилото, Бенфика триумфираше во Европскиот Куп во 1961-та и 1962-та година, совладувајќи ги Барселона и Реал Мадрид во финалињата.
По финалето во 1962-та година, Гутман од челниците на Бенфика побарал поголема плата, но неговото барање било одбиено. Легендата вели дека на заминување тој го проколнал клубот изјавувајќи „Бенфика нема да освои европски трофеј во следните 100 години".
Оваа легенда до сега се покажува како точна. Од тогаш Бенфика беше финалист дури 7 пати - 1963, 1965, 1968, 1983, 1988, 1990 и последен пат синоќа против Челси, но не освои ниту еден трофеј.
Пред финалето кое во 1990-та година се одигра во Виена, легендата на Бенфика, Еузебио отишол на гробот на Гутман кој се наоѓа во овој град и се молел да биде прекината клетвата. Тоа во изминатите денови го сториле и многу навивачи на Бенфика кои пред Амстердам, се упатиле во Виена. Но залудно. За европски трофеј ќе треба да чекаат уште 49 години.