На кој што му треба во последното коло од Лига на шампиони?

Како никогаш до сега, во два неполни месеци “летна“ групната фаза од ЛШ, која обично завршува во декември. Вечерва ќе гледаме два дерби дуели без резултатско значење, ама затоа во Д групата гори. Сите четири екипи се во игра за топ 16.

На 14 и 15 февруари 2023, во осминафиналето од ЛШ ќе се појават Баерн Минхен, Челси, Манчестер Сити, Интер, Борусија Дортмунд, Ливерпул, Наполи, Клуб Бриж, Порто, Реал Мадрид, ПСЖ и Бенфика.

На нив ќе им се придружат уште четири екипи кои ќе ги дознаеме овие два дена.

ГРУПА А

Ајакс за разлика од претходните сезони се претстави очајно во ЛШ, со само еден триумф и 15 примени гола на 5 меча. Го победија само Ренџерс со 4:0.

Со оглед на моќта на Шкотланѓаните кои имаат постигнато само еден гол, речиси невозможно е дека можат да ја надополнат таа висока негатива за да им го земат местото вредно Лига Европа. Се гледа меѓусебен дуел.

Ливерпул - Наполи
Ренџерс - Ајакс

ГРУПА Б

Караско уште го сонува пеналот против Баер Леверкузен во судиско, кој ако го погодеше ќе беа во игра. Вака им престанува да се борат за Лига Европа. 

Им треба победа на гости во Порто или реми, ама во игра е и Баер Леверкузен, кој со евентуален триумф дома, ќе се надева Атлетико да не победи.

Баер Леверкузен - Клуб Бриж
Порто - Атлетико Мадрид

ГРУПА Ц

Што и да се случи вечерва во групата Ц, таа ќе остане непроменета. Барса сакала нејќела следната година ќе игра во ЛЕ. Вечерва овие екипи ќе играат за престиж и публика, како и за некоја пара плус која УЕФА ја дава за победа.

Баерн Минхен - Интер
Викторија Плзен - Барселона

ГРУПА Д

Ако сакате вечерва драма, барајте ја во групата Д, каде за двете места во нокаут фаза ќе се борат сите четири екипи. Тотенхем и Спортинг се во најповолна ситуација, бидејќи можат да си дозволат реми со кои би останале на челните две позиции.

Работата на математичарите би се отворила ако три екипи имаат по 8 бода, а тоа е можно ако Марсеј го порази Тотенхем, а во Лисабон биде нерешено. Така францускиот тим би одел како прв, а Спортинг како втор, бидејќи е подобар во меѓусебните дуели од Тотенхем и Ајнтрахт.

Марсеј - Тотенхем
Спортинг - Ајнтрахт Франкфурт

Прво коло:
Тотенхем - Марсеј 2:0
Ајнтрахт Франкфурт - Спортинг 0:3

ГРУПА Е

На натпреварите во среда, има две групи за решавање. Салцбург за осминафинале има тешка задача, бидејќи мора да го освои Сан Сиро. Милан е осминафиналист и со бод.

Аријан Адеми после високиот пораз од Милан изјави дека ќе се обидат да направат чудо на Стемфорд Бриџ. Тоа значи уште една победа над Челси со која би продолжиле во Лига Европа, ама паралелно и Салцбург да загуби.

Милан - Салцбург
Челси - Динамо Загреб

ГРУПА Ф

Актуелниот европски првак се очекува глатко да го победи Селтик за да ја осигура челната позиција.

Под притисок е Лајпциг кој на првиот дуел дома загуби 1:4 од Шахтјор. Со уште еден евентуален пораз од украинскиот тим ја губи втората позиција и продолжува во Лига Европа.

Реал Мадрид - Селтик
Шахтјор Доњецк - Лајпциг

ГРУПА Г

Такви шанси Севиља нема да добие и покрај тоа што е на -3 од вториот, исто како Шахтјор. Шпанците имаат пораз и реми во меѓусебните дуели со Борусија. Сепак Севиља останува на меѓународна сцена, бидејќи е математички трета.

Копенхаген - Борусија Дортмунд
Манчестер Сити - Севиља

ГРУПА Х

Утеха за Јувентус кој беше фаворит за едно првите две места е второто по ранг клупско европско натпреварување. Таму оди поради подобрата гол разлика од Макаби со кој има 3:3 во меѓусебните дуели.

Јувентус - ПСЖ
Макаби Хаифа - Бенфика

1 ноември 2022 - 13:46