На кој што му треба денес на Светско?

Вечерва се игра големото дерби од првата фаза, Англија - Белгија кое ќе го одлучи победникот во групата Г. Попладнево Јапонија, Сенегал и Колумбија играат за пласман понатаму.

Колку и да не ги сакаме, калкулациите се неизбежни. Патеката на Светското првенство си го прави своето.

Англија и Белгија ќе играат за прво место во групата Г. И двете селекции, необично, имаат по 6 бода и иста гол разлика: 8:2, поради што тука на крајот би можел да игра и фер плејот (Белгија има 3 жолти, Англија 2).

Победникот од оваа група ќе игра против второпласираниот од група Х каде со шанси се Јапонија (4), Сенегал (4) и Колумбија (3).

Комбинации во групата Г:

1. Англија е прва ако ја победи Белгија.
2. Белгија е прва ако ја победи Англија.
3. Во случај на нерешено ќе се гледаат картоните, односно фер плејот. Ако се случи Англичаните вечерва да „израмнат“ по бројот на картони, тогаш за првпат на ова Светско ќе се влече ждрепка за тоа кој е прв.
4. Панама и Тунис после нивниот меѓусебен дуел ќе си ги пакуваат куферите за дома.

Комбинации во групата Х:

Далеку посложена е групата Х каде од 16 часот денес играат Јапонија - Полска и Колумбија - Сенегал. Јапонците и Африканците имаат по 4 бода а Колумбија е веднаш зад нив со 3 бода.

Јапонија оди понатаму ако:

1. Победи против Полска
2. Одигра нерешено
3. Изгуби а Сенегал победи
4. Да изгуби со помалку голови (за гол разлика и дадено повеќе) отколку што би изгубил Сенегал
5. Да се пласира преку Фер Плеј (картони) ако изгуби со ист резултат како и Сенегал.

Сенегал оди понатаму ако:

1. Победи
2. Одигра нерешено
3. Изгуби со помалку голови отколку што би изгубила Јапонија
4. Да се пласира преку Фер Плеј (картони) ако изгуби со ист резултат како и Јапонија.

Колумбија оди понатаму ако:

1. Победи
2. Одигра нерешено а Јапонија изгуби.

****

Во меѓувреме се знае и понатамошниот пат на учесниците, па така тој што ќе биде прв во групата на Англија и Белгија ќе игра во осминафинале против вториот од групата Х на Јапонија, Сенегал и Тунис во осминафиналето, а вториот ќе игра против првиот од групата Х.

Калкулациите не завршуваат тука затоа што победникот од првиот во Г (Англија или Белгија) ако го совлада противникот во осминафиналето (Јапонија, Сенегал, Колумбија) вкрстува со победникот од осминафиналето Бразил - Мексико. А другата патека вркстува со подобриот од дуелот Шведска - Швајцарија...