По завршувањето на неверојатната кариера во која освои Лига на шампиони, Светско првенство, Серија А, Ла Лига (2х пати), Копа Америка, бразилско првенство и Куп на Конфедерации и беше биран за најдобар играч на Светот кога ја доби Златната топка, 39-годишниот Роналдињо одвреме-навреме запаѓа во невољи.
Во февруари 2015-та година Роналдињо заедно со брат му Роберто беа обвинети од суд во Бразил за нелегална градба на погон, фабрика за шеќер заедно со компанијата Рено Констракшн и Инкорпорејшнс (Reno Constructions and Incorporations Ltd.) со платформа за риболов и пристаниште на истото место кај езерото Гваиба без дозвола.
Судот ги прогласил за виновни и браќата морале да платат 8,5 милиони долари во ноември 2018-та година. Откако не платиле, Врховниот суд на Бразил донел одлука да им се одземат патните исправи и Роналдињо не смеел да ја напушта земјата.
На Роналдињо и брат му подоцна им било наложено да платат сума од 2,3 милиони од владата, но во тој момент на сметка во банка му нашле само 24,63 бразилски реали (околу 6,59 долари). После ова му го конфискувале пасошот зошто не можел да плати казна.
Бразилецот отпатувал во Асунсион, главниот град на Парагвај за хуманитарниот настан со организацијата “La Fundación Angelical” која обезбедува медицинска помош за сиромашните деца.
Роналдињо дошол да ја шири свесноста за потребата од мобилни болници кои ќе обезбедат медицински прегледи и помош за сиромашните деца. Покрај тоа Роналдињо добил повик и од извесен Нелсон Белоти, богат сопственик на многу казина во Парагвај.
Најлудо нешто во целиот случај е што на бразилските државјани не им треба пасош за да влезат во Парагвај, туку можат слободно со лична карта затоа што и двете земји се членки на МЕРКОСУР, најголема меѓународна организција во Јужна Америка која обединува повеќе од 250 милиони население.
Откако било пријавено дека тој покажал пасош при влезот во Парагвај, тамошната полиција му дошла на адресата во хотелот Resort Yacht & Golf Club Paraguayo каде бил сместен со брат му Роберто.
Како што пренесува La Nacion, пасошите им ги нашле во собата а на нив се воделе дека имаат парагвајско државјанство. Полицијата му наложила да остане во хотелот а утрово требал да се појави на распит заедно со брат му, за да сведочат.
Што е уште побудалесто во приказнава, по одлука на претседателот на Бразил Жаир Болсонаро лично, Роналдињо во септември лани бил назначен за нов Амбасадор за туризам на Бразил. Тој и помагал на владата во иницијативата “Rei do Rolê” која ги кани туристите да споделуваат видеа од местата кои ги посетиле во Бразил.
Роналдињо и брат му го напуштиле аеродромот во Сао Пауло со бразилски документи. Полицијата добила дојава дека тие имаат лажни документи, но решиле да не преземаат ништо на прва. Откако јавните настани биле одржани, полицијата отишла во хотелот а таму бил задржан и извесен Вимондес Соуса Лира (45) кој наводно им ги спремил лажните пасоши.
Покрај гореспоменатите акции, Роналдињо, по иронија на судбината, во Парагвај требал да ја промовира и својата биографија “Gênio em vida“ („Животен гениј“).
Според министерот за внатрешни работи на Парагвај, Еуслидес Азеведо, Роналдињо барал лажен пасош уште пред еден месец. И двајцата соработувале со полицијата и признале дека поседувале лажни пасоши.