Победата против Партизан беше дополнителна мотивација за кошаркарите на МЗТ Скопје кои уште на стартот од овој меч покажаа кој е кој и поведоа со 7:0. Тоа беше најава за фаворитската улога на нашиот претставник во регионалната лига кој не ја испушти предноста во текот на целиот меч.
На две минути до крајот на првата четвртина нашите кошаркари имаа предност од +8, но потоа се опуштија и во втората четвртина влегоа со водство од 20:17. Комотна предност немаа ниту во вториот период во кој екипата на Смедерево успеа најмногу да намали на 2 поени негатива.
При крајот на првиот дел Лучиќ постигна важна тројка и му ја донесе најголемата предност на својот тим од -9, но српските кошаркарите возвратија со два поени со што на полувреме резултатот изнесуваше 35:28.
Третата четвртина понуди најефикасна кошарка во која МЗТ Скопје ја контролираше играта и резултатот и по пет минути игра конечно стигна до двоцифрена предност од 10 коша разлика, а четвртината ја заврши со водство од 59:50.
Натпреварот сепак не успеаа така лесно да го решат и да си обезбедат мирна завршница. Гостите на нешто повеќе од три минути стигнаа од -3 и ја вратија неизвесноста, но кошаркарите на МЗТ беа поупорни на крајот, направија неколку важни офанзивни скокови и победија со 80:72.
Најдобар во таборот на македонскиот шампион беше Сеад Сеховиќ со 20 поени, а Стојановски, Синовец и Чековски постигнаа по 10.