Реал и Барса поголеми од Пикасо

Музејска уметност која носи астрономски суми

Во Реал Мадрид се креваат трофеи и се носат големи ѕвезди благодарение и на музејот, кој е меѓу главните извори на заработката со по неколку нули. Во музејот на Бернабеу, влезницата изнесува 19 евра, а за оној на Камп Ноу 23 евра.

Заработките во фудбалските гиганти често излегуваат од рамките на правоаголникот со голови, па така Реал Мадрид, заедно со Барселона може да се пофалат дека ги имаат најпосетените спортски музеи.
 
Ел Музео, музејот на Кралевите само досега годинава заработил преку 1,5 милиони евра. Во 2014-та Ел Музео во Мадрид го посетиле 1,2 милиони посетители или 400.000 повеќе од 2013-та. Музејот на Реал Мадрид е третиот најпосетен музеј во главниот град на Шпанија. Пред него се музејот на кралицата Софија (Museo Reina Sofia) кој има 2,6 милиони посетители досега годинава и музејот Прадо (Museo Prado) со 2,5 милиони посетители.
 

Музејот на Реал го прејде по посетеност и славниот музеј на Тисен-Борнемица во Мадрид.

За туристите попривлечни се сувенирите од минатото на Реал, сувенири со трофеите како и старите фотографии од славните денови од Алфредо Ди Стефано и Ференц Пушкаш до Зинедин Зидан или Кристијано Роналдо, отколку дела од Ренесансата или модерното сликарство.

Бизнис успехот на Реал Мадрид не се мери само по продадените дресови на Роналдо или Герет Бејл во целиот свет или по милионските заработки од телевизиските права, туку и по водопадот од пари што го носи музејот. Ла десима (десеттата титула во ЛШ) на Реал Мадрид дополнително го збогати музејот. 

Преку 4.000 посетители во неколку часа шетаат во салата Кралевите на Европа (Reyes de Europa), за да го видат трофејот освоен од генерацијата на тренерот Карло Анчелоти. Посетителите исто така може да видат и неколку историски сведоштва како што е средбата на екипата со Кралот Алфонсо ХIX, после која Кралскиот клуб го менува името од Мадрид Клуб де Футбол во Реал Мадрид со благодет од владетелот.Следна цел на Реал Мадрид е да се израмни и во кратко време да ја престигне посетеноста на музејот на Барселона.

Camp Nou Experience, домот на уметноста на каталонскиот клуб има околу 1,6 милиони посетители годишно и е попосетен од оној на Музејот Пикасо, додека 8% од туристите во Барселона доаѓаат само поради Камп Ноу и музејот. Според едно истражување на Делоит, Барселона во јавните каси носи околу 219 милиони евра годишно со што економската моќ на градот достигнува до неверојатно 760 милиони евра годишно.

18 септември 2015 - 15:02