„Ти ништо не играш. Ти не ги уважуваш ни играчите ни навивачите. Ти како да имаш вирус: ги заразуваш сите околу тебе“, според The Telegraph Мурињо вака му викал на Погба во соблекувална по декемврискиот меч со Саутемптон.
Сега испадна со заминувањето на Жозе како вирусот да исчезна. Влијанието на Погба врз екипата е неверојатно. Французинот за две ипол години под водство на Мурињо дал 14 гола, а сега на само 9 меча веќе има 8 гола со новиот тренер на Манчестер. Како Норвежанецот успеа да го смени Погба?
И покрај постојаните критики до Погба, Мурињо долго време се обидувал да му ја пронајде правата позиција на светскиот шампион со Франција.
Прво го проба како длабински плејмејкер во формацијата 4-2-3-1, па потоа и како лево крило во шемата 4-3-3, позиција на која Погба растураше во Јувентус.
Но во Јуве Погба беше „реџиста“ во финалната третина од теренот, а зад него ги имаше Пирло или Видал. Во Јунајтед има други соиграчи во средниот ред па не можеше да се снајде.
СОЛСКЈЕР МУ ЈА СМЕНИЛ УЛОГАТА - ПОЛ СЕГА ПОВЕЌЕ НАПАЃА
Системот на Жозе ниту во еден момент не форсирал полушпиц зад напаѓачите кој ќе биде ослободен од одбранбени задачи. Мурињо секогаш претпочитал физички снажни фудбалери од среден ред. Дури и во Челси барал од Оскар кој играше класична 10-ка, активно да се враќа во одбраната и да игра повеќе без топка.
Погба така не умеел.
Кај Мурињо, Французинот често трчаше box-to-box, од еден до друг шеснаесетник и така се трошеше без топка. Солскјер го сменил тоа: сега Погба неколку степени помалку одговара за нападите од длабочина и повеќе напред ја прима топката од соиграчите. За одбраната се задолжени Матиќ и Ерера а Пол конечно игра нешто како во Јувентус.
Солскјер бара од Погба да прима топка меѓу линиите а со топка да напаѓа најмногу од левото полу-крило. Погба сега стои многу повисоко, практично во иста линија со Мата.
„Сакам да играм таму. Тешко ми беше кај Мурињо со таа тактика што ја игравме. Повеќе сакам да напаѓам, да вршам пресинг и играм високо. Одбраната не е моја должност и позицијата на која сега играм ми е удобна. Знам дека ако пресингувам Матиќ и Ерера ќе бидат зад мене и послободен сум“, вели Французинот.
Рецептот на Солскјер се покажа успешен: при Мурињо Погба имал 12,68% додавања во финалната третина, а кај Норвежанцот има 13,27%. Примени топки во последната третина од теренот со Мурињо имал 8,64 а со Солскјер има 15,27.
Сега и повеќе шутира (4,25 удари по натпревар во просек) отколку под Мурињо (3 шута во просек).
Уште поинтересно е што кај Солскјер, Погба помалку влегува во дриблинг (2,62) отколку кај Мурињо (3,48).
„Сакаме Погба почесто да биде во противничкиот шеснаесетник, зошто знаеме колку е опасен во играта во воздух. Не сакам тој да се поигрува со топката - барам од него пасови и многу движење“.
На 1.136 минути под водство на Мурињо, Французинот дал 3 гола и имал 3 асистенции. Под палката на Оле Гунар на 814 минути игра даде 8 гола со 5 асистенции!
Мурињо еднаш изјави и дека Погба би можел да стане одличен стопер поради неговите долги топки, играта во воздух и снагата.
Но Пол никогаш не се снајде пред својата одбрана: „Мора да напаѓаме и да пресингуваме високо. Така правевме и против Тотенхем, и против Ливерпул, и против Челси и против Арсенал минатата сезона. Кога играме така сè е полесно.“
Солскјер како да ја слушнал оваа изјава па голот против Лестер во изминатото коло падна после висок пресинг на Јунајтед.
ПОГБА УЖИВА ВО ФУДБАЛОТ
Историчарот на младинските категории на Манчестер Јунајтед, Тони Парк е автор на книгата „Синовите на Јунајтед“. Тој за Пол рекол:
„Погба е еден од оние играчи кои може да имаат еден сјаен натпревар, еден просечен и еден на кој нема да се види на теренот. Затоа Ферги не му даде доверба. Никој никогаш не се сомневаше во талентот на Погба, единствен негов проблем беше нестабилноста“:
По неверојатната сезона во Јувентус каде имаше 20 бода (голови+асистенции), Погба не бил толку добар како сега. Тој одново ужива во играта.
„Среќен сум. Кога сум среќен и ништо не ми врши притисок, можам да правам работи како автомат. Се трудам на тренинзите и уживам во игра со соиграчите. Затоа и таков учинок“, заклучува Погба кој има 8 гола и 5 асистенции под Солскјер.
Paul Pogba since Ole Gunnar Solskjaer took charge:
— Football Tweet (@Football__Tweet) February 9, 2019
🎯🎯 vs. Cardiff
⚽⚽ vs. Huddersfield
⚽⚽🎯 vs. Bournemouth
❌ vs. Newcastle
🎯 vs. Spurs
⚽ vs. Brighton
🎯 vs. Arsenal
⚽ vs. Burnley
🎯 vs. Leicester
⚽⚽ vs. Fulham
Form of his life. 🔥 pic.twitter.com/Aw6ELV7P7J