Монако и Јувентус од едно друго време со едни други актери

Се сретнаа пред точно 19 години во сезоната 1997/1998. Монако заслужено стигна до полуфиналето со некои нови клинци кои подоцна Франција ја направија светски и европски првак. Искусниот Јувентус под водство на Липи се бореше за трето финале во низа.

Виртуозната и убавата игра со многу голови го однесе Монако во топ 4 фазата од Лигата на шампионите и со тоа не потсети на нивната рапсодија од сезоната 2003/2004 кога со Мориентес, Пршо, Жули и компанија на патот до финалето го урнаа Реал, а потоа во финале загубија од Порто на Жозе Мурињо.

Одиме неколку чекори поназад и се враќаме во сезоната 1997/1998, време кое повеќе потсеќа на актуелниот успех на тимот од Кнежеството. Токму поради младиот и разигран тим во кој денеска се наоѓаат идни големи ѕвезди како што тогаш беа Тиери Анри, Давид Трезеге и Фабијан Бартез.

Славниот ќелавко направи голема кариера во Премиер лигата, исто како Вили Сањол во Бундеслигата со дресот на Баерн Минхен. Џибрил Дијавара и денеска е симбол на сигурност со топката и челичност на теренот.

Виктор Икпеба го начна ударниот талас на врхунски фудбалери од Африка, а Филип Кристанвал беше нерешлива енигма за многу европски напаѓачи во последната линија од одбраната. За кариерата на Анри и Трезеге нема потреба да ве потсеќаме.

Сите овие играчи своите фудбалски чекори во европскиот фудбал ги направија откако играа во Монако, исто како што подоцна им се случи со оние кои стигнаа до финалето во 2004-та. Уште една коинциденција и сличност со оваа сезона е што и тогаш во полуфиналето се сретнаа со Јувентус.

По освојувањето на пехарот во 1996-та и поразот од Борусија Дортмунд следната сезона, Јувентус иташе кон трето финале по ред. Составот боли глава: Перуци, Јулијано, Песото, Бириндели, Конте, Давидс, Зидан, Ди Ливио, Дел Пјеро, Инѕаги.

Првиот полуфинален меч се играше на 1 април 1998-та кога поискусните Италијанци направија недостижна предност од 4:1. Хет-трик постигна Алекс Дел Пјеро, за гостите намали Костиња, а на 3 минути до крајот Зидан го постави конечниот резултат.

Две недели подоцна во реваншот по само 15 минути игра Никола Аморузо ги смрзна домашните навивачи, а Филип Леонард и Тиери Анри направија пресврт. Кобен за Французите повторно беше Дел Пјеро, а утешната победа од 3:2 на Монако ја запечати Роберт Шпехар.

Сличности на таа нокаут фаза со оваа има уште. Монако во четвртфинале го елиминираше Манчестер Сити, а тогаш Јунајтед, додека во другото полуфинале исто како сега беше Реал Мадрид. Тогаш ја елиминираше Борусија Дортмунд, а потоа во финале беше подобар од Јувентус со голот на Мијатовиќ. Тоа финале постои шанса да се повтори по 19 години.

4:1

3:2

3 мај 2017 - 16:07