
Македонија на 10 октомври гостува против Белгија (20:45), а на 13-ти во истиот термин во Скопје го пречекува Казахстан. Натпревари кои можат да бидат клучни пред последното коло на 18 ноември во кое гостуваме против Велс.
За мундијалскиот сон мечтаат сите. Од фудбалери, стручен штаб, федерација, навивачи, новинари. Тоа не го крие ниту селекторот.
„Ретко кој очекуваше да имаме толку бодови по пет натпревари, но ние сме таму каде што сме. Стоиме цврсто на земја, знаеме против кого играме. Белгија е главен фаворит, но Македонија покажа дека може да биде конкурентна. Никој не може да ни го одземе сонот за Мундијал“, изјави Боби Милевски.
„Секогаш има притисок, сите сакаме да победуваме. Белгија е фаворит, тоа е факт, но и ние имаме свои амбиции, а тоа е да покажеме дека не сме случајно тука. Во последните две години докажавме дека можеме да бидеме конкурентни со секого“.
„Македонија никогаш немала случајни резултати. Можно е да ја изненадиме Белгија. Очекувам натпревар со индивидуален квалитет каде што Белгија е напред, но крајот ќе покаже кој ќе биде победник“, рече селекторот.
На списокот на Милевски поради повреди отпаднаа Лирим Ќамили и Димитар Митровски. Повратници во тимот се Давид Бабунски и Стефан Ашковски.
„Бабунски е со нас откако сум селектор, имаше проблем со клубот каде што беше претходно. Сега се враќа и верувам дека неговиот потенцијал е потребен за нашата репрезентација и затоа е тука“, дополни предводникот на националниот тим.
Македонија е лидер во групата со бод повеќе од Белгија и Велс, но Белгијците имаат натпревар помалку.