Милан се провлече против Арсенал

Арсенал се најде на прагот на сензација откако по оние 4:0 во Милано, избраниците на Арсен Венгер по првото полувреме водеа со 3:0, но на крајот Милан со вкупни 4:3 се пласираше во четвртфиналето од Лигата на шампиони. Вториот четвртфиналист е екипата на Бенфика која го победи Зенит со 2:0.

Милан се провлече во Лондон. Малку недостасуваше за Арсенал да направи сензација на реванш натпреварот од осмина-финалето од Лигата на шампионите.

Гостите од Милано допатуваа во Лондон со цел да ја задржат предноста од првиот натпревар, но калкулирањето во првото полувреме можеше да ги чини елиминација.

Арсенал поведе уште во седмата минута кога по корнер од левата страна, осамен на првата статива се најде Лорен Кошчелни кој со глава ја затресе мрежата на Абијати.

\\"\\"
\\"\\"
\\"\\"

Домаќините продолжија со притисокот и по неколку пропуштени шанси, во 26-та минута Росицки зголеми на 2:0 откако Тијаго Силва не успеа да ја расчисти опасноста, а чешкиот репрезентативец ја прими одбиена топка и со удар од десетина метри го матираше голманот на Милан.

Во финишот на првото полувреме Чембрлен беше во продор по десната страна, но Месбах го сруши во шестнаесетникот и судијата покажа на белата точка. Сигурен реализатор на пеналот беше Робин ван Перси за кого ова беше 18-ти погодок на 19 натпревари на домашен терен.

Милан ги консолидираше своите редови во второто полувреме и конечно Ибрахимовиќ се закани, но Шчесни успеа да интервенира пред него. Неколку минути подоцна Арсенал имаше шанса да го зголеми водството, но Абијати ги одбрани ударите на Жервињо и Ван Перси.

Во 63-та минута Ибрахимовиќ пресече едно додавање од голманот на Арсенал, но биеше само покрај голот, а десетина минути подоцна неверојатно шанса во шестнаесетникот пропушти и Ночерино кој шутираше директно во Шчесни.

До крајот на натпреварот фудбалерите на Милан ја контролираа играта на теренот и успеаја да ја задржат предноста од првиот натпревар и со вкупни 4:3 се квалификуваа во четвртфиналето од Лигата на шампиони.

На другиот осминафинален натпревар, Зенит отпатува во Португалија со предност од 3:2, но Бенфика славеше со 2:0 и избори пласман во следната рунда.

Домаќините доминираа во текот на целиот натпревар и целосно заслужено стигнаа до победата. Стрелци на головите беа Переира во последната минута од првото полувреме и Оливеира во третата минута од судиското продолжение.

6 март 2012 - 23:07