Меси по четврти пат си оди од Барса, ништо чудно пак да се смират со нов договор

Вест број еден од шпанскиот фудбал во петокот беше инсајдот од познатото радио Cadena SER: Лео Меси сака да си оди од Барса во 2021-ва кога му истекува договорот.

Иако неодамна стигнуваа вести дека преговорите за нов договор меѓу капитен на Барселона и управата одат глатко, а Лионел и сам зборуваше дека ќе си оди од Барса само тогаш кога ќе почувствува дека веќе не може да и помогне на екипата, во меѓувреме нешто се случило.

Има два важни моменти:

1. Меси е разочаран од последните резултати и неуспеси. Барса изгуби голема бодовна предност и скоро и да ја губи титулата од Реал Мадрид кој се одлепи на 4+. Им остана уште Лига на шампиони каде исто им оди „тенко“.

2. Во соблекувалната на Барса веќе некое време има токсична атмосфера. Наводно има тивка војна меѓу играчите и претседателот Жозеп Бартомеу. Но главен проблем за Меси е тоа што редовно некој „крт“ пушта инфорамции по медиумите, а пред извесно време се испостави дека луѓе од управата ангажирале новинари и „ботови“ да ги бранат челните луѓе. Меси смета дека зборовите „соблекувална“ и „екипа“ асоцираат само на него па кога се пишува против екипата се пишува против него.

Но важно е и да се знае дека ова ништо не значи, затоа што наводни инсајдери по медиумите веќе којзнае кој пат го селат Меси од „Камп Ноу“.

КОИ БЕА ЗЕМЈОТРЕСИТЕ МЕЃУ МЕСИ И УПРАВАТА?

Првиот голем конфликт се случи во 2014-та година - во првата година од владеењето на Жозеп Бартомеу. Еден од топ менаџерите, Хавиер Фаус после одлична сезона на Меси изјавил дека не гледа никаква причина за нов договор, зошто од финансиска гледна точка тоа е непрактично.

Аргентинецот одговори: „Фаус ништо не разбира во фудбалот. Тој се труди да ја управува Барселона како бизнис проект, но тоа е многу повеќе од бизнис.

По овие „трзавици“, во шпанските медиуми се појавија гласини за интерес од топ клубовите, наводно ПСЖ, Манчестер Сити, Челси па дури и Реал Мадрид биле спремни да дадат 250 милиони евра.

Фаус се извинил јавно, а Меси рекол дека не планира никаде да оди. Нов договор потпишаа во 2014-та.

Во јануари 2015-та Меси се скара со Луис Енрике. Едно време Енрике дури и под изговор дека го одмора, го држеше Меси на клупа. Тогаш Лионел и Енрике дури и престанале да разговараат што подоцна го потврди сегашниот шпански селектор.

Лео наводно отишол лочно кај Бартомеу и му поставил ултиматум: „Или јас или Енрике“.

Се се заврши горе-долу мирно. Отказ доби спортскиот директор Андони Зубизарета, а Меси се врати во составот и го омекна односот со Луис Енрике. Аргентинецот дури и ги демантирал гласините за некаков ултиматум.

„Не се спремам никаде да одам, ни во Челси, ни во Манчестер Сити. Не сум барал никој да биде избркан. Уморен сум веќе од лаги. Луѓето претставуваат како јас да управувам со клубот. Но тоа не е така“.

По враќањето на Меси во форма, Барса го престигна Реал и стана шампион.

Во 2016 и 2017 имаше нови потреси, овојпат поради бесконечните судски рочишта за наводно затајување данок. Меси наводно не пријавувал приходи од авторските права и во Шпанија имал проблем со законот. Подоцна признал дека едно време помислувал да си оди од таа земја.

„Во тој момент поради проблеми со данокот сакав да си одам. И не е работата во Барса, општо сакав да ја напуштам Шпанија. Не сакав да останам тука и чувствував дека неправедно се однесуваат со мене. Тоа беше тежок период за мене и моето семејство. Луѓето не знаат што се случуваше тогаш. Мојот случај беше прв па затоа беше тежок. Добро е што тогаш имав мало дете па ништо не разбираше. Не беше лесно време. Официјални понуди не добив, секогаш сакам да играм само за Барселона“.

Во септември 2016-та се шушкаше дека Меси сака да се врати во родниот град Росарио и матичен клуб Њуелз Олд Бојс, а во октомври таа година пак зборуваа дека Манчестер Сити е спремен „да го дарува со злато“.

Гвардиола и извршниот директор на Манчестер Сити Феран Сориано јавно излегоа да ги демантираат гласините за летен трансфер, но Пеп додал и дека ако Меси реши да замине од Каталонија, вратите во Сити секогаш ќе му бидат отворени.

После 4 месеци Меси потпиша нов договор кој трае до летото 2021-ва година.

Минатата година жртва на лошиот однос управа-соблекувална беше Ерик Абидал којшто мислеше дека е поголем од Меси и од екипата, па доби отказ од претседателот, откако јавно излезе да ги критикува водечките играчи на Барселона.

4 јули 2020 - 09:17