На португалскиот Ром Рикардо Кварезма не му е првпат во Истанбул да го чекаат како принц. Во јуни 2010. година Кварезма дојде во Бешикташ од Интер и тогаш преку 7.000 навивачи го гледаа додека жонглира на 40 степени Целзиусови.
Турците за него тогаш платија високи 7.300.000 евра, а Кварезма доби тригодишен договор според кој во првата година зема 3.500.000 евра и 3.750.000 во втората сезона. Сепак, работите не продолжија како треба и немирниот Кварезма ги натера водечките луѓе на Бешикташ да ја раскинат соработката со него пред почетокот на третата година од договорот.
Како стандарден португалски репрезентативец со богата кариера, квалитетот на Кварезма никогаш не бил под знак прашалник. Во Турција во 2011. година беше прогласен за најдобар играч во турскиот куп кој Бешикташ го освои. Тоа беше и последен голем трофеј на бело-црните од Истанбул. Сепак однесувањето на 31-годишниот играч со ромско потекло им правеше проблеми на луѓето од Бешикташ.
Сè започна со караницата со Нихат Кавечи кој како најискусен во екипата му замери на Кварезма затоа што е себичен. Целата јавност ги виде двајцата како се караат на сред терен, а колегите тргнаа да ги раздвојат. Во март 2012. година, после поразот во ЛЕ од Атлетико Мадрид, Кварезма тотално полуде.
Целата нервоза ја искали на тогашниот тренер Карлос Карвахал, кој го извади од игра на полувремето. Кварезма го гаѓал со пластични шишиња вода и урлал: „Јас те доведов овде, а ти мислиш само на себе. Да не сум јас, ти не би постоел. Не можеш да ме вадиш од игра ти си никој и ништо“.
Клубот го суспендираше и следуваше разделба. Бешикташ толку се разочара во Кварезма што во 2012. година му исплати 1.480.000 евра само да си оди што подалеку. Три години подоцна, Кварезма се врати во Истанбул, а Турците му простија и го пречекаа како јунак. Во Бешикташ дојде како слободен играч, а преку 2.000 луѓе го чекаа на аеродромот и подоцна на стадионот.
Општ хаос на аеродромот за пречекот на Кварезма: