Сторијата за Le Petit Diable (Малиот ѓавол) почнала на 70 километри од Лион. Како мал почнал да ја удира топката во Шарнај ле Макон (Charnay-les-Mâcon), мало местенце во реонот Саона е Лоира каде дошле да живеат татко му Алан, советник во општината и мајка му Изабел, ќерка на поранешниот португалски фудбалер Амаро Лопез.
Во населбата Гаутриатс имало мал фудбалски терен, но уште пред да го зачленат таму, малиот Антоан на улицата „Бургоњ“ 36 жонглирал со топката.
Во дворот од својата куќа шпицот на Атлетико Мадрид сонувал да стане шампион. Кога давал голови ги имитирал своите идоли - пази каков куриозитет - неговиот денешен соиграч и другар Фернандо Торес и легендарниот Дејвид Бекам.
А во Макон денес Гризман е идол на некои нови клинци.
Кога го надминал шутирањето во вратата на гаражата, Гризман во детството се запишал во клубот УФ Макон каде тренерите се увериле во неговата дарба и му дале шанса да заигра на официјални натпревари пред повеќе гледачи на „Стад Пјер Гуерин“.
„Тренерот Жан Белвер - поранешен фудбалер на клубот Макон кој играше и за Ница, Марсеј и Лион, го тераше да шутира со боси нозе за да научи добро да ја мести ногата“, се сеќава еден кабинер во клубот.
Од Макон отишол на проба во младинските категории на неговиот сакан Лион, но таму го вратиле зошто бил слаб, недоволно крупен и прилично со низок раст. Истото му го кажувале и во другите француски прволигаши.
Но сè се сменило кога дувал 13 свеќи на тортата. Отишол во кадетскиот тим на Монпеље каде играл на пријателска против кадетите на ПСЖ и токму таму скаутите го забележале во нотесите „Малиот ѓавол“ роден 1991 година.
Многу ловци на таленти биле импресионирани од квалитетите на малиот Антоан, а најзагреани биле скаутите на Реал Сосиедад.
Клубот од Баскија се распрашал за него и брзо се сретнал со неговите родители. Им понудиле проба на една недела која потоа ја продолжиле на други седум дена и на крајот на маса ставиле младински договор за Гризман.
Татко му и мајку му, сосема очекувано биле колебливи дали да го пуштат толку рано сам среде Баскија, а во меѓувреме го запишале Гризман во едно школо во Бајон, француски град на 30-ина километри од границата со Шпанија, за да го научи добро шпанскиот јазик. Секојдневно патувал долго и се жртвувал за на крајот дефинитивно да остане во клубот од градот Сан Себастијан.
Во Сосиедад, Гризман напредувал многу брзо и стигнал до првиот тим каде за неколку сезони стана незаменлив во шпицот од нападот.
После толку голови и асистенции во Реал Сосиедад, Гризман се најде „на дворот“ на Диего Симеоне во Мадрид но никогаш не ги заборавил своите корени и во својот роден град организира камп наречен „Турнир Гризман“ каде малите таленти имаат можност да тргнат по неговиот пат.