Малерозен крај на Тотенхем, остана без трофеј после водство од 2:0

ПСЖ под водство на Луис Енрике стигна до трофеј број 4. После првенството, Купот и Лигата на шампионите, успеа да го освои и Супер Купот на Европа.

Пари Сен Жермен е новиот освојувач на Супер Купот на Европа, откако во спектакуларно финале во Удине го победи Тотенхем со 4:3 на пенали, по неверојатниот резултат 2:2 во регуларниот дел. 

Англичаните го имаа пехарот в раце, бидејќи до 85-та минута водеа со 2:0 со головите на дефанзивците Мики ван де Вен во 39-та и Кристијан Ромеро во 65-та минута.

Но потоа им се случи колапс и примија два гола од резервите на ПСЖ.

Кореецот Канг-ин Ли намали на 2:1 во 85-тата минута, а во последните моменти од судиското надополнување, дури во 94-та минута, Гонсало Рамос израмни на 2:2 со што го однесе мечот на пенали. 

Во пенал серијата, кај парижаните промаши само Витиња кој ја отвори серијата. 

Трагичари за Тотенхем беа Мики ван де Вен, чиј удар го одбрани голманот Шевалије, и младиот Матис Тел, кој го промаши целиот гол. 

14 август 2025 - 08:00