Избраниците на Васко Скендеровски беа многу блиску до победа против конкурентот за втората позиција во групата која носи во баражот за Еврошампионатот во Србија кој се игра идната година.
Првото полувреме донесе цврст и неизвесен натпревар, а мразот го скрши Мартин Тодоровски со головите во 14 и 18 минута и Македонија имаше 2:0 во првиот дел. Унгарците се вратија во игра и по головите на Јанош Тречењи во 30 минута и Адам Хошу во 35 минута мечот влезе во пеколно неизвесна завршница.
По само половина минута Адријан Мицевски со прекрасен погодок од слободен удар ја врати радоста во „Борис Трајковски“, но несреќениот момент за нашите репрезентативци се случи во последните мигови од средбата кога Ферид Агуши си даде автогол.
Македонија уште додека беше во водство, пропушти голем број на шанси во второто полувреме и сега ќе треба по потешкиот пат да се бори за втората позиција во групата каде Шпанија е прва по денешната убедлива победа над Швајцарија од 9:1.
Вториот меч, футсал селекцијата на Македонија го игра утревечер против аутсајдерот Швајцарија на кој ќе треба да брка триумф со голема гол разлика. Претходно од 16:30 часот Унгарците се среќават со Црвената фурија.