Без капитенот Пандев кој вечерва не играше поради жолти картони, селкторот Ангеловски се реши зад најистурниот Несторовски да бидат Трајковски и Тричковски (фудбалерот на АЕЛ Ларнака ја понесе капитенската лента).
Стартот на мечот против една од последно примените членки на УЕФА и ФИФА покажа дека Македонија има само една намера - до врв да ја наполни мрежата на Гибралтар.
Но онаа маалската дека денес секој игра фудбал се овистини и вечерва на најголемиот стадион во земјава.
Притискаа нашите најдобри фудбалери, бараа брз гол но во првите 20-ина минути гостинскиот голман-дебитант Кафер бранеше сосема добро.
Ако и имаше некои црни мисли дека Гибралтар ќе ја сочува мрежата, нив ги избрка Енис Барди. Еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во Европа, како да немаше трпение со промашувањата на соиграчите и реши да земе една топка, сам да тргне кон противнчкиот гол и фантастично да ја пласира во подалечниот агол за 1-0:
Откако „се скрши“ отпорот на островската репрезентација (Гибралтар е под административна управа на Велика Британија иако физички е поблизу до Шпанија), избраниците на Ангеловски тргнаа по втор гол. Во таа намера како да избрзуваа кој побрзо ќе даде гол и тоа често ги чинеше промашени напади.
На паузата се отиде со 1-0 благодарение на голот на Барди.
Во вториот дел Гибралтар знаеше што го чека - Македонија играше викторија пред противничкиот гол а за втор гол околу 2.000 луѓе на стадионот чекаа 22 минути. Кире Ристевски центрираше а Илија Несторовски конечно по десетина обиди го совлада Кафер:
Овој гол како да беше загревање за новиот, далеку поубав погодок на Несторовски. Во 80' минута загради една топка, одлично се ослободи и го погоди аголот на Кафер за 3-0:
До крајот, во 90+1' колегата на Несторовски од Палермо, Александар Трајковски удри печат на убедливиот триумф од 4-0:
Триумфот над Гибралтар е важен од неколку аспекти: Македонија е прва и се пласираше во погорната дивизија Ц за следното издание на Лига на нации, заработката од УЕФА ќе биде 1,5 милиони евра (750.000 евра за настапот во ЛН и уште толку пари за првото место). Дополнително нашата фудбалска федерација ќе добие и 1.125.000 евра за пласманот во Ц дивизијата.
Нашите репрезентативци утре вечер ќе го дознаат и противникот во полуфиналето (ќе се следи дуелот Косово - Азербејџан).
Во случај да обезбеди историски пласман на ЕВРО 2020, Македонскиот фудбал ќе биде побогат за 9,25 милиони евра. Полуфиналето ќе го играме дома а местото на одигрување на финалето ќе се решава преку ждрепка.