Во Букурешт Македонија ќе дебитира на едно Европско првенство за првпат во историјата, на 13 јуни кога ќе играме против Австрија. Четири дена подоцна на 17 јуни играме против Украина исто во Букурешт.
На состанокот на кој присуствувале Меѓуресорниот комитет за Евро 2020 и официјалните лица од областа на спортот во Романија, присуствувал и државниот секретар во министерството за внатрешни работи Раед Арафат, државниот секретар во министерство за здравство Андреа Молдован, како и претставници од министерствата за спорт, за внатрешни и надворешни работи.
Договорено е сценарио според кое ќе се дозволи влез на гледачи во рамките на 25% од вкупниот капацитет.
За двата натпревари на Македонија и уште други два натпревари (еден меч од 1/8 финале) во главниот град на Романија, на прекрасната „Национал Арена“ ќе може да има максимум 25% од вкупниот капацитет на стадионот што значи околу 12.000 среќници ќе гледаат средби од Европско првенство.
Breaking: The Euro 2020 games in Bucharest will have fans in the stands! 12 000 people (around 25% of the capacity) will be able to attend each of the 4 games at the National Arena. (If the format chosen by UEFA remains the same, of course) pic.twitter.com/EQURuqIFF4
— Emanuel Roşu (@Emishor) March 3, 2021
Ултра модерната Арена во Букурешт собира околу 55.000 гледачи и во случај да немаше глобална пандемија со вирусот, Македонија ќе можеше зад себе да има права инвазија од навивачи, што од нашата земја, што од дијаспората.
Претходно, пред почетокот на пандемијата, УЕФА планираше на федерациите чии репрезентации ќе се сретнат во Букурешт да им овозможи околу 40% од капацитетот, а останатите 20% да бидат за спонзори и соработници на УЕФА. Во тој случај Македонија од трибини ќе ја бодреа многу повеќе од што е сега планирано.
УЕФА објави дека Евро 2020 ќе се игра во 12 градови како што беше планирано и дека не размислувале ниту во еден момент да го префрлат Европското во Велика Британија која упорно инсистира сама да го организира турнирот.
Се чека 5 април за кога УЕФА планира да го објави целиот план за организација, бројот на гледачи кои ќе можат да бидат на стадион и начинот на кој ќе се продаваат картите. Инаку огромен број од влезниците се продадоа уште пред да почне пандемијата.