По триумфот против Гибралтар на гости (0:2), избраниците на Игор Ангеловски ја минаа и втората пречка во групата 4 од Лигата Д. Овој пат совладана е Ерменија со идентичен резултат, селекцијата која според квалитетот и рејтингот важи за единствен наш конкурент за челната позиција.
Мрме направи две измени во однос на првиот дуел и на местото на Бобан Николов и Александар Трајковски шанса во првиот тим им даде на Елиф Елмас и Егзон Бејтулаи.
Македонија беше подобар противник од Ерменците кои нè нападнаа со Мхтаријан и актуелниот фудбалер на Вардар, Барсегјан и сосема заслужено стигна до трите бода.
Резултатот го отвори Алиоски кој беше стрелец и на првиот дуел, овој пат од пенал во 13-та минута.
Во 56-та минута од средбата, македонскиот селектор реши да ја освежи навалната линија со Трајковски на местото на Тричковски. Напаѓачот на Палермо заврши голема работа во шеснаесетникот откако му ја даде на тацна на капитенот, кој ги постави конечните 2:0.
Гол број 32 за Пандев во репрезентативниот дрес.
Македонија сега има 6 бода, пред Ерменија и Лихтенштајн со 3, а Гибралтар 0.
Следните два дуели, нашиот национален тим ги игра на 13-ти и 16-ти октомври. Прво дома со Лихтенштајн, а потоа на гости против Ерменија. Одиме напред.