Македонија има важна улога во местењето натпревари

Компанијата Спортрадар која заедно со УЕФА работи на спречувањето на манипулациите во фудбалот, објави детална анализа на местењето низ светот, а нашата земја и неколку лица поврзани со Македонија имаат главни улоги во нивниот извештај.

Грубите претпоставки на Спортрадар се дека нелегалното кладење во Азија има промет од 400 милијарди долари годишно или 1,1 милијарди дневно. Според нивните математики, само во 2013-та година 15,5 милијарди долари од „црните“ пари од Азија завршиле во џебовите на играчи, функционери, клубови, па дури и федерации за местење на натпревари.

Ретки се земјите од светот во кои немало сомнителни натпревари, а секако Македонија не е една од нив. Нашата земја се најде на мапата на Спортрадар како една од земјите во кои имало сомнителни или местени натпревари.

Но во нивниот извештај покрај имињата на големите местачи се најде и еден Македонец. Раде Трајковски е вбројан меѓу „главните играчи“ во местенките. Во извештајот се вели дека тој е лидер на групата позната како „Цигани“ кои биле алката меѓу местачите од Азија и италијанските фудбалери.

 

Трајковски е осомничен дека наместил неколку натпревари во Италија и беше уапсен во 2011-та година во Атина. Во 2012-та година беше ослободен и се врати во Скопје.

Помеѓу „главните играчи“ е и Србинот Драган Антиќ кој и е многу добро познат на македонската јавност од времето кога беше тренер на Охрид.

Контроверзниот Антиќ пред да работи во Македонија одлежал затвор заради местење натпревари во Белгија и Германија. И тој бил еден од групата „Цигани“ која била под контрола на познатиот местач од Сингапур, Дан Тан.

11 април 2014 - 15:02