Влезниците за фудбалските натпревари во Македонија се најниски во целиот свет. Според просечната плата, еден Македонец треба да работи само 51 минута за да заработи 100 денари колку што чини една влезница. Но и покрај тоа што имаме најевтини влезници, нашите стадиони се најпразни.
Најблиску до нас со платите и цените на влезниците се Романците. Таму еден човек треба да работи 54 минути за да си купи влезница за натпревар.
Но во Романија просечна посетеност на натпревар од прва лига е 4.855 гледачи, а во Македонија на еден натпревар од прва лига во просек одат по 1.387 луѓе (да не беше Шкендија просекот ќе беше дупло помал).
Во многу земји навивачите се жалат на високите цени. Тоа посебно важи за Премиер лигата каде се продаваат и најскапите влезници во целиот свет. Но Англичаните имаат и високи плати, па можат да си дозволат да си купат од поевтините влезници. Според просечната плата, еден Англичанец треба да работи три часа за да купи најевтина влезница за натпревар од Премиер лигата која во просек чини околу 2250 денари.
Најголем проблем имаат Бразилците. Тие имаат ниски примања, а цените на влезниците се високи. Еден Бразилец треба да работи 3,5 часа за да купи најевтина влезница која во просек чини околу 880 денари.