Селекторот Ангеловски (го водеше јубилејниот 40. меч како селектор, со учинок од 16 победи, 14 порази и 9 нерешени средби) одново мораше да го тумба составот па во првите 11 не беа: Бејтулаи, Адеми, Тошевски, Спировски поради повреди, Елмас е во карантин во Наполи, Барди поради суспензија од картони, а Хасани беше ослободен поради протоколите (се врати директно од Естонија за Финска каде игра).
Од почетокот на освежениот тревник на арената „Тодор Проески“, истрчавме во состав: Димитриевски, Зајков, Велковски, Ристевски, Ристовски, Алиоски, Николов, Костадинов, Пандев, Тричковски, Несторовски.
Слична ситуација и кај нашиот директен ривал во плејофот за пласман на Европско. Легендарниот словачки тренер, селекторот на Словачка Владимир Вајс не можеше да смета на речиси половина првотимци за овој меч од 4. коло во Лига на нации.
Во воведните 20 минути, без ниту една шанса на двете страни, како двете селекции потсвесно да беа веќе на третиот меѓусебен дуел во 2020-та, оној историскиот планиран за 12. ноември во Тбилиси вреден пласман на Евро.
Мирно, без многу дуели, како натпревар од пријателски карактер поминаа првите 45 минути - 0:0.
Со истите 11 Македонија го започна и вториот дел и уште од стартот тргна поофанзивно со појак пресинг на противничката половина. Бобан Николов со силен шут од 20-ина метри за малку не го отвори резултатот, а тоа како да беше најава за уште поголема офанзива на домаќинот.
Но во 67' минута Столе Димитриевски направи катастрофална глупост, откако надвор од шеснаесетникот свесно и намерно играше со рака при една контра на Грузија па доби заслужен црвен картон.
На голот застана резервниот голман Дамјан Шишковски кој влезе наместо Несторовски.
Шест минути подоцна Грузија погоди статива преку нововлезениот Качарава, а истиот играч во 68' минута ги доведе гостите во предност откако направи дар-мар во нашата одбрана:
Во финишот Грузија имаше уште една шанса да го зголеми резултатот, но Шишковски одбрани. Селеторот Ангеловски до крајот ги внесе во игра Крсте Велковски, Стојановски, дебитантот Тотре и Мицевски.
Кога сè изгледаше готово по нашата репрезентација, во 90+1' минута Зајков беше соборен во противничкиот шеснаесетник и добивме пенал. Реализираше Алиоски (36 настап/7 гол) за конечни 1:1, ист исход како и на првиот меч меѓу овие две репрезентации.
Со играч помалку успеавме да израмниме и да освоиме бод.
Сега на табелата во група 2 од Лига Ц, по 4 одиграни кола Македонија и Грузија имаат по 6 бода со тоа што ние сме први поради подобра гол-разлика. Ерменија е трета со 5 бода, а Естонија последна со 2.
До крајот на оваа година 2020, Македонија ќе гостува кај Грузија на 12 ноември во финалето од плејофот за пласман на Европско првенство. На 15 ноември играме дома со Естонија, а на 18 истиот месец ја завршуваме годината со гостување кај Ерменија.