Лигата на шампиони ни дојде како кец на десетка

Со оглед на малата неизвесност во некои од најквалитетните првенства на стариот континент, каде прашањата за титулите се речиси решени предвреме, елитниот собир на најдобрите европски екипи е добредојден во вистински момент.

Љубителите на фудбалот кои ги следат настаните во 5те најсилни лиги во Европа, можат слободно да констатираат дека моменталната ситуација во земјите каде што се игра најквалитетен фудбал е решена, па дури и досадна.

Тоа пред се важи за Англија, Германија и Шпанија. Во Премиер лигата кладилницата Paddy Power веќе им ја исплати сумата од 500 000 фунти на оние кои се обложиле дека Манчестер Јунајтед ќе ја освои шампионската титула. Тоа го сторија по саботниот пораз на Манчестер Сити од Саутемптон, без да почекаат и да го видат исходот од мечот на „Црвените Ѓаволи" кои ден потоа го совладаа Евертон и направија предност од 12 бода разлика пред актуелниот шампион на Англија.

Уште помала е неизвесноста во Бундес лигата каде бранителот на титулата загуби на домашен терен од Хамбургер со високи 4:1, а на тоа, на најдобар можен начин одговорија Баварците со 4 гола во мрежата на Шалке и направија недостижна предност од 15 бода разлика.

Третиот показател дека најсилните првенства се решаваат на средина од сезоната е Премиера дивизион, каде исто како во Англија и Германија, актуелниот шампион не е во поволна состојба да го одбрани приматот. Барселона и ова коло го продолжи монологот и го декласираше Гетафе со 6:1. Второпласираниот Атлетико Мадрид загуби од Рајо Ваљакано и заостанува 12 бода, а „Кралевите" имаат негатива од 16 бода во однос на лидерот.

Доминацијата на Барса најдобро се гледа по гол разликата од 78 дадени и 26 примени гола, а тоа значи дека во просек секој натпревар го добива со резултат 3,39 : 1,13.

Двете популарни првенства каде прашањето за титулата се уште е отворено се француското и италијанското. Но и таму прашање е колку второпласираните екипи имаат капацитет да им ги поматат сметките на лидерите.
Лион "се сопна" на домашен терен од Лил со 3:1 и веќе е на -6 зад првопласираниот Парис Сент Жермен кој славеше над Бастија со 3:1. Со оглед на големиот влог на новите газди во составот од Париз, каде во нападот царува незапирливиот Златан Ибрахимовиќ, за кратко време може да очекуваме тимот на Анчелоти да се одлепи од конкурентите за титулата.

Единствениот тим кој чекори кон одбрана на Скудетото е Јувентус кој благодарение на победата против Фиорентина и нерешениот резултат на средбата Лацио-Наполи оствари предност од 5 бода пред составот на Валтер Мацари. Слично како во Франција останува да се види, дали Наполи има сили да му го загрози лидерското место на актуелниот италијански шампион.

Покрај прераното решавање на победникот во овие првенства, постои уште еден показател според кој во националните првенства недостасува поголема конкуренција. На пример на чизмата од 2001 година Скудетото го освојуваат само Милан, Интер и Јувентус.

Во Шпанија од 2004 година во лигата доминираат само Барселона и Реал Мадрид. Во Англија од 1995 година само 4 екипи ги освојувале првенствата, а тоа се Јунајтед, Арсенал, Челси и Сити од кои 10 пати станале прваци „Црвените Ѓаволи".

Во Франција по целосната доминација од 7 титули во низа за Лион, работите се променија, и во последните 4 сезони шампиони станаа Бордо, Олимпик Марсеј, Лил и Монпеље. Нешто попроменливи се состојбите во германскиот фудбал каде во последните 9 сезони, 5 различни екипи станувале шампиони. Баерн Минхен (4), Борусија Дортумнд (2), и по еднаш Волсбург, Вердер и Штутгарт.

12 февруари 2013 - 18:11