Легендарниот Џанлука Паљука раскажа зошто стариот фудбал беше поубав од модерниот

Култниот италијански голман, еден од најдобрите во историјата на италијанскиот фудбал, Џанлука Паљука долго време го држеше неверојатниот рекорд со 592 натпревари во Серија А и бројот на одбранети пенали (24). Првиот рекорд го надмина Џиџи Буфон, а вториот Самир Хандановиќ. Но друг ни е муабетот.

Ликот и делото на Паљука ќе се паметат долго. Неговиот моден стил со дрес со завратена крагна беше љубов на прв поглед за многу навивачи, а многу генерации израснаа на неговите одбрани па го имитираа со извик „Паљукаааа!“ после одбранет шут.

Џанлука беше симбол меѓу голманите во ’90-те години. Сега во разговор за Ла Газета дело Спорт раскажува интересно поглавје од неговата кариера.

НЕ ГИ САКАЛ ДРЕСОВИТЕ НАПРАВЕНИ ОД АСИКС, ОБЛЕКУВАЛ ДРЕС ОД РОЈШ И ГО СОШИВАЛ НА НЕА ЛОГОТО НА ЈАПОНСКИОТ БРЕНД

Во 1990-та година Сампдорија, клубот каде Џанлука ја почнал својата богата кариера, го сменила спонзорот на дресови. На место Kappa доаѓа Asics. Соработката на клубот со Јапонците продолжила до 2004-та година, но Паљука никогаш не ја засакал искрено нивната голманска опрема.

„Не носев малерозни дресови. Никогаш не излегував на терен ако не сум задоволен од дресот во кој излегувам“, вели Паљука.

Тој ги контактирал претставниците на Asics, им кажал што му е намерата, а тие не се бунеле. Му рекле само дека најважно за компанијата е нивното лого да биде на дресот.

Џанлука тогаш избрал комплет од неговиот омилен германски бренд Reusch кој се прослави со производство на квалитетни голмански ракавици. И после едноставно само преку логото на германскиот бренд сошил лого на брендот Asics, генерален спонзор на Сампдорија.

Нешто незамисливо во денешно време.

Еве како изгледа тоа: на левата страна оригиналниот дрес, на десната прешиено лого

Но неговата замисла не секогаш била успешна: понекогаш на дресот му ѕиркале двете логоа

СЕ ЈАВИЛ ВО УМБРО ДА МУ СОШИЈАТ ДРЕС КАКО НА ТОТЕНХЕМ

Во 1994-та Паљука се пресели во Интер за богат трансфер. Гигантот од Милано тогаш го облекуваше Umbro. И Џанлука раскажал дека продолжил со праксата.

„Голманите на Тотенхем имаа дрес кој многу го сакав, зошто боите ме потсеќаа на Астон Вила на која сум голем навивач. Заѕвонив во Umbro и им кажав дека го сакам тој дрес. И тие ми пратија 3-4 дреса но со грбот на Тотенхем. И ние преку него го сошивме грбот на Интер. Сега вие никогаш не би смееле да направите такво нешто“.

Фото лево: голманот на Тотенхем Јан Вокер, десно дресот на Тотенхем го носи Паљука како голман на Интер само со прешиен грб на клубот:

А малку е познато, речиси воопшто дека Џанлука бил голем љубител и навивач на Астон Вила. Уште од 14 години го засакал овој англиски клуб. Иако никогаш не играл за клубот од Бирмингем, Паљука во 2019-та во чест на големото враќање на Вила во Премиер лига направил голема тетоважа со грбот на овој познат клуб на својата десна рака:

ГО ИЗГУБИЛ ДРЕСОТ ОД МАРАДОНА, НО ГИ СОЧУВАЛ РЕЧИСИ СИТЕ ВО КОЛЕКЦИЈА

На Паљука еднаш му се погодиле да се замени со дресовите со големиот Диего Армандо Марадона, но подоцна некаде го загубил тој дрес. Затоа решил колекцијата внимателно да ја чува и негува. Му останале и речиси сите дресови (со исклучок на еден-два) во кои бранел во текот на целата кариера:

„Сега гледам многу голмани кои носат втора или трета варијанта дрес. Тоа е добро. Дресовите на голманите треба да бидат убави и да ја одразуваат неговата личност“, вели Паљука, идол на многу млади во ’90-те.

Токму во тој период светот ги виде најшарените и најлудите, необични дресови. Италијанскиот голман исто не отстапуваше од тогашната мода.

Ширум светот тогаш се носеа шарени дресови, под влијание на тогашната рејв култура

 

 

2 март 2023 - 10:54