Кралот и лажниот мит за 1281 гол

Во ситуација кога никој не може да му ги оспори трите освоени Мундијали (Купот Риме, наречен поради Жил Риме), фамозниот гол против Шведска, големата љубов кон фудбалот, техниката и професионалноста, спорна е тежината на вкупниот број голови кои ги постигнал Пеле.

Од самиот почеток на 16 години во дресот на Сантос, па се’ до есента 1977 кога на 37 години ја заврши кариерата во дресот на Њујорк Космос, Едсон Арантес до Насименто или О’Реи кралот на фудбалот постигнал 1281 гол (статистика според ФИФА).

Но оваа извонредна бројка на голови, всушност треба да се подели на два дела. Првиот содржи 767 погодоци од официјални мечеви, додека останатите 517 доаѓаат пред сè’ од пријателски средби додека служел војска, но и од промотивните турнеи на Сантос и Космос.

Познат е примерот кога Пеле постигнал 8 гола на еден натпревар против Ботафого. Но тој Ботафого не е славниот црно – бел од Рио, туку еден помал истоимен клуб од Рибеирао Прето, познат по тоа што му подарил копачки за Божиќ на Сократес.

Историскиот 1000. гол, Пеле го постигнал на 19. ноември 1969 на легендарната Маракана.

Сер Боби Чарлтон тогаш, се сетил на една историски разговор:

„Тие денови бев во Унгарија и имав прилика да се видам со Ференц Пушкаш. Кога му реков колку е чудесно кога некој ќе постигне 1000 голови, тој се сврте и ми шепна дека неговиот 1000. гол го постигнал дури 6 години пред тоа“ – изјавил Чарлтон за медиумите.

Од сево ова може да се изведе заклучок дека и покрај тоа што фудбалот се игра за голови, сепак вредноста на еден фудбалер не се гледа во головите кои тој ги постигнал.

Според сведочењата на неговите современици, Пеле е најдобриот фудбалер на сите времиња поради вистинскиот Божји дар и талент за оваа игра.

Во секој случај, Пеле важел и за несебичен фудбалер, па така голем број голови кои можеле да бидат пишани на негово име, на крајот биле голови на неговите соиграчи.

Таркизио Бургних ќе изјави: „Пред натпреварот против Пеле мислев дека е од крв и месо, како и секој човек. Погрешив.“

Вредат и зборовите на славниот Ференц Пушкаш: „Најдобар играч во историјата на фудбалот е Алфредо Ди Стефано. Пеле за мене не е фудбалер, тој беше нешто повеќе“.

Нема потреба од 1281 гол за да бидеш О’Реи или кралот. Пеле навистина е кралот.

 

8 август 2014 - 11:04