Кошаркарката која никогаш не скокала а освоила 15 златни медали

Висината од 210 сантиметри и претставувала голем проблем на Уљана Семјонова (1952-202) се додека селекторката на СССР Алексејева не и рекла: „Ти си кралица на кошарката и носи ја круната царски“. Од 15 турнири на Олимписки игри, Светски и Европски првенства освоила ист број златни медали.

Во селцето Зарасај во Литванија на 9-ти март 1952 година се родило девојче. Во тамошното породилно со коњска кочија Иларион Семјонов ја довел својата бремена жена Наталија иако живееле во Летонија.

Но од салашот Пабержи кај селото Медуми им било поблиску да одат до таму отколку во својот општински центар Даугавпилс (обете републики тогаш биле во СССР). Сакале нивната прва ќерка да се вика Јулијана, матичарот по грешка наместо Н напишал К, но во историјата на светскиот спорт влезе како Уљана.

Кога се родиле Уљана имала 3,6 килограми и 52 сантиметри. Иако нејзините родители биле нешто пониски од просечната висина, а ниту четворицата постари браќа и помладата сестра никогаш не израснале многу повеќе од нив, Уљана уште од прво одделение почнала нагло да се извишува и на 13 години имала 190 сантиметри.

Тогаш по неа дошле ловците на спортски таленти. После многу убедувања првпат го напуштила своето село, плачела во текот на сиот четиричасовен пат до градот.

И се посреќило да заигра за Трамвајско-тролејбуски труст. Тој клуб под скратеницата ТТТ бил страв и трепет во женската кошаркарска Европа зошто веќе еднаш го освоил Купот на шампиони.

Уљана Семјонова брзо влегла во јуниорската репрезентација на СССР, а веднаш набрзо и во сениорската со која на 15 најголеми светски натпреварувања освоила исклучиво прво место: европски првак 1968, 1970, 1972, 1974, 1976, 1978, 1980, 1981, 1983 и 1985, светски шампион 1971, 1975 и 1983 и олимписки победник 1976 и 1980.

Две олимписки злата, три светски злата и 10 златни медаљи од европски првенства!

СССР да не ги бојкотирала од политички причини Светско првенство 1979. во Јужна Кореја и Олимписките Игри во 1984-та во САД, Уљана сигурно би била побогата за уште две златни медали.

Поради висината од 210 сантиметри и тежина од 128 кг во Франција чиј шампион Клермон постојано останувал без европска титула (од 1971 до 1977 четири пати губел во финале од тимот на Уљана ТТТ) ја завикале Подвижна Дигалка, а нејзините соиграчки ја викале Ластовица.

Од 1968-ма до 1984-та само во 1974-та и 1978-ма не била шампион на Советски сојуз а со неа во екипата ТТТ продолжил да владее во СССР и во Европа (1968-1975, 1977, 1981-1982)

Иако кошарката на Олимписки игри се игра уште од 1936-та, кошаркарките добиле шанса дури во 1976-та.

Зошто претходно не се организирани објаснил Давид Берлин, тренер на Спартак од Ногинск кај Подмосковље со кој во 1978-ма го совладал ТТТ во домашното првенство:

„Додека е Семјонова во СССР нема да биде интерес за женска кошарка зошто исходот на турнирот се знае уште пред почеток. Тргнете ја од репрезентацијата и решен проблем“.

Дека бил во право се потврдило подоцна на олимпискиот турнир во Монтреал кога САД ја совладале СССР 112-77.

Советски Сојуз не изгубил ниту еден натпревар со Семјонова во составот од 1968-ма до 1985-та! Личен рекорд со најголем број поени (56) поставила во 1977-ма против Спартак од Санкт Петербург (шампион на СССР во 1974-та), а на меѓународни натпреварувања две години претходно дала 54 поени против италијански ГЕАС.

Од неверојатните победи најдрага и била во финалето на Светско првенство 1983-та во Бразил. Тврдела дека тогаш судиите давале се од себе да ја прекинат златната серија на советските кошаркарки па таа поради пет брзи лични грешки рано го завршила натпреварот.

Се расплакала од среќа кога втората постава кошаркарки на две секунди пред крај со погодоците на Јелена Чаусова од слободни фрлања (84-82) ја победила САД и донела уште еден триумф на СССР.

Уљана станала прва кошаркарка која преминала во странски клуб. Новиот селектор Леонид Јачмењов не ја повикал во репрезентацијата и во 1986-та СССР изгубил дома од САД во финале на Светско првенство.

Била навредена од начинот на кој била оптишана:

„Две недели пред Светското првенство преку телефон ми рекоа дека веќе не сум потребна. Уште и ми се јави лекарот на репрезентација. Ми требаше неколку месеци да си дојдам на себе“, раскажала неверојатната шампионка.

Тоа толку ја болело што го одбила повикот за Олимписки игри 1988 па СССР завршил трет (втора била Југославија). Тогаш веќе играла за Тинторето од Хетафе (а во 1987-ма со ТТТ го освоила и Купот „Љиљана Ронкети).

Шпанскиот клуб од Хетафе ја донел за да избори опстанок во лига а на крај се бореле за титула и станале вицешампиони.

Нејзината соиграчка Росио Хименез како и цел град и екипа биле одушевени од неа. „Семјонова ни се извинуваше дури и ако не погоди кош“.

Нејзиниот договор бил 45.000 долари за пола година, но сите пари оделе во Државниот комитет за спорт на СССР кој и праќал 400 до 480 долари месечно што и било едвам доволно за живот во Москва но не и во Шпанија. Тинторето поради тоа и доплаќал пари а другарките од тимот често ја носеле на ручек.

Но тој период имал и многу лоша страна. Од настапите на бетонски терени прекриени со линолеум не и издржале нозете и во 1996-та била прогласена за инвалид.

Не се омажила иако раскажувала дека имала прилики. Некои додворувачи не и се допаѓале, а за некои мислела дека ги привлекува само тоа што е спортска ѕвезда а други биле странци. Така на Светско првенство некои колумбиски милионер и праќал букети цвеќе.

Но кога некогаш ќе одиграла послабо селекторката на СССР Алексејева ја предупредувала: „Доста е со цвеќе, овде си дојдена да играш кошарка“.

Токму таа имала пресудна одлука Семјонова да се чувствува како ластовичка:

„Ти си кралица на кошарката. Носи ја круната царски со високо кренато чело“, и велела и и ја кренала самодовербата.

Кога е примена во Куќата на славните во Спрингфилд (САД) во 1993-та, својот говор иако е Русинка го држела на летонски јазик на кој во 1997-ма и ја објавила својата автобиографија „Кога бев среќна“.

Десет години подоцна имало и трогателен гест од летонските репрезентативки. 12 кошаркарки се сликале провокативно за постер кој можеле да го имаат само првите 1.000 лица кои ќе уплатат најмалку 50 долари на сметка на Летонскиот олимписки социјален фонд со цел за лекување на Семјонова која била негов прв претседател. Таа од приходите задржувала само скромен дел а останатото го давала за ветераните на кои им требала помош.

Нејзините пријатели тврделе дека била одлична готвачка но и дека ретко јадела слатко. Но сепак од силните напори на терен („бев главен играч и срам ми беше да изгубиме“) при крајот на кариерата оболела од дијабетес. Последните години не можела да стане од кревет зошто едната нога и била ампутирана под колено а другата претходно ја скршила поради големата тежина.

Површните и злонамерни следбеници на кошарката сметале дека физичките предиспозиции и биле единствен адут.

„Тоа е примитивно сфаќање. Уља не трчаше брзо, ниту скокаше, туку ја потураше топката низ обрач. Колку асистенции имаше! Центар кој се гледа и секогаш помага. Нејзиниот индекс на корисност беше неверојатен. Ја фаќаше топката под свој кош, додаваше и екипата ја чекаше додека дојде до противничкиот рекет. Противничките се обидуваа да бидат пред неа да не и дозволат да прими топка. Но не вредеше“, го опишал нејзиниот стил на игра Владимир Гомељески, поранешен кошаркар и новинар, син на славниот и трофеен стратег Александар Гомељски.

Семјонова починала на 8 јануари годинава, а од нејзините зборови за нејзините почетоци во тимот ТТТ се гледа дека работела на себе и тоа мошне рано:

„Тогаш таму царуваше извонредниот центар Скајдрите Смилџиња. Имав среќа да играм со неа и во клуб и во репрезентација. Многу научив од неа како врвен мајстор. И во исто време сфатив дека не можам да играм во нејзин стил туку дека треба да си барам свој пат во кошарката, да усвојувам нови технички и тактички начини. Високиот раст истовремено и ми помагаше но и ми сметаше“, рекла таа во една прилика.

ОД СЕМЕЈСТВО НА СТАРОВЕРЦИ

Семјонова потекнува од фамилија староверци. Тоа се потомците на Русите кои не ги прифатиле реформите на патријархот Никон. Тој во 1654-та година руските православни обреди ги соединил со грчките па избил раскол. Тие кои и натаму се крстеле со два прста а не со три биле прогонувану па дури и после расчинувањето на Никон во 1666-та година.

Во Летонија во 2024-та се зборувало за снимање на уметнички филм за Семјонова со наслов „Уља“, а режисерот Вијестурс Кајришс ги шокирал сите кога главната улога му ја дал на маж!?

Тогаш 27-годишниот Карлис Авотс, една од летонските најголеми филмски ѕвезди открил дека идејата да ја глуми славната кошаркарка му ја дала мајка му. Додека го читал романот „Злосторство и казна“ од Достојевски му се причинило дека би бил добар во таа улога.

Филмот уште не е прикажан во кино салите.

Извор: ПОЛИТИКА

27 јануари 2026 - 13:14