Фармаколошките компании и водечките научници од целиот свет учествуваат во трката за вакцина против коронавирус, со цел да стават крај на пандемијата и да го вратат човештвото во нормала.
Една од тие компании е и германската CureVav од градот Тибинген. Сопственик, односно главен акционер на оваа фирма е 80-годишниот Дитмар Хоп, сопственик на фудбалскиот клуб Хофенхајм од Бундеслигата.
На 17 јуни компанијата CureVac од медицинскиот регулатор на Германија добила дозвола за клиничко испитување на вакцината врз луѓе-кандидати.
А два дена претходно германската држава соопшти дека вложува 300 милиони евра во компанијата CureVac со цел побрзо изнаоѓање вакцина. Ова е најголема државна инвестиција во биотехнолошка компанија во историјата на Германија. Очигледно властите во Германија многу веруваат во вакцината над која работи фирмата на Хоп.
CUREVAC СЕ КРЕНАЛА ПО ДОКТОРСКА ДИСЕРТАЦИЈА
Интересно, компанијата CureVac почнала со работа во 2000-та година со дисертација. Тогаш 32-годишниот Ингмар Хер на Универзитетот во Тибинген почнал научна работа во која опишувал нова технологија за изготвување вакцина и препарати за имунолошка терапија врз основа на Информациона РНК (рибонуклеинска киселина).
Наместо неговиот научен труд да собира прашина во некоја фиока, Ингмар Хер основал компанија и ја нарекол CureVac.
Фирмата за постулат на работа ги земала принципите опишани во дисертацијата на младиот научник. Во 2006-та година стартапот со 18 вработени го приметила една од најголемите софтверски компании во цела Европа, SAP на гигантот Дитмар Хоп кој важи за еден од најбогатите луѓе на континентот.
Во последните десет години Хоп сам ги финансирал научните истражувања на CureVac и вложил повеќе од 100 милиони евра. Во 2015-та година му се приклучил фондот на Бил и Мелинда Гејтс и уште неколку помалку познати инвеститори.
Хоп е сопственик на 80% од акциите во компанијата која цело време му била неисплатлива. Вкупните загуби на CureVac според проценките на германското деловно издание Handelsblatt изнесувале 253 милиони евра.
Главно, ако не биле инвестициите на Хоп во науката, сега во трката за вакцина против коронавирус најверојатно ќе имало еден голем учесник помалку.
ВО РОДНИОТ КРАЈ ГО ГЛЕДААТ КАКО ЦАР, НО НАВИВАЧИТЕ ШИРУМ ГЕРМАНИЈА НЕ ГО САКААТ
Пред да стане милијардер и сопственик, Дитмар Хоп во младоста играл фудбал. На 25 години ја завршил кариерата и решил дека студирањето му е поважно од играње за селска екипа во аматерска лига.
Веќе во 1989 година како успешен бизнисмен почнал да му помага на родниот клуб и постепено станал главен акционер на малиот Хофенхајм. За речиси четврт век милијардерот Хоп го внел Хофенхајм од осма лига (!!) во Бундеслига и Европа.
Во 2007-ма Хофенхајм влезе во елитата и еве веќе 13 години е неизоставен член којшто не испаднал.
Во сезоната 1989/90 Хофенхајм играл во Крајслига (8-ма дивизија во хиерархијата). После во 1991/1992 во Бецирклиг (7-ма лига) , па во Ландеслига, па во Фербандслига, Оберлига, Регионал, 2 Бундеслига, Бундеслига. Богатиот Дитмар Хоп активно го помага целиот роден регион Рајн-Некар. Тој основал и специјален фонд во кој се собирале пари за регионот. За неколку години успеал да собере скоро 800 милиони евра коишто одат за изградба на терени и игралишта за деца, домови за стари лица, медицински материјал и разни социјални проекти во земјата.
Кулминација е спортската инфраструктура која што ја направил во градот. Во чест на Хоп е именувана една улица во Хофенхајм, спортски парк во Валдорф и медицински центар во Хајделберг. И секако, стадионот на кој играл Дитмар Хоф. Во 2009-та година клубот од Зинсхајм доби нов стадион, ултра модерен.
Навивачите на другите германски клубови не го сакаат и често го навредуваат поради тоа што го прекршил правилото 50+1 според кое ниту еден клуб не смее да има инвеститор, туку пакетот мнозински акции треба да им припаѓа на навивачите.
ХОП ОДБИ ДА МУ ПРОДАДЕ ВАКЦИНА НА ТРАМП И САКА ДА ЈА НАПРАВИ ЗА ЦЕЛ СВЕТ
Кога стана јасно дека германската компанија CureVac е лидер во трката за пронаоѓање на вакцина за коронаирус, американските власти сакале да ја присвојат за себе.
Во март месец претседателот на Америка Доналд Трамп се сретнал со Даниел Маникел, претставник на фирмата и наводно предложил да ја купи CureVac за милијарда долари.
Според германскиот весник Welt am Sonntag домаќинот во Белата Куќа сакал да ја има вакцината „само за САД“, но Дитмар Хоп одбил да ја продаде и фирмата и патот кон вакцината.
„Ако како што се надевам, скоро разработиме ефикасна вакцина против коронавирусот, нејзината примена за заштита на луѓето нема да биде регионална, туку солидарна за цел свет“, рекол Хоп.
CUREVAC СКОРО ЌЕ ПОЧНЕ СО КЛИНИЧКИ ИСПИТУВАЊА НА ВАКЦИНАТА, ВО ГЕРМАНИЈА ЌЕ МУ ПОДИГНАТ СПОМЕНИК НА ХОП АКО Е УСПЕШНА
Кој и кога ќе измисли вакцина и дали таа ќе биде ефикасна денес никој не може да даде одговор.
Според СЗО, во моментов во разни светски лаборатории се работи на 136 проекти за изнаоѓање на вакцина. Со 10 вакцини против COVID-19 веќе се вршат клинички испитувања.
Во оваа етапа се пет кинески компании, три американски, една британска и една германска - Biontech.
На 17 јуни откако добила дозвола од здравствените власти на Германија, компанијата CureVav на Дитмар Хоп стана 11-та лабораторија која клинички ќе ја испитува вакцината над луѓе-кандидати.