Вечерта на финалето на Лига на шампиони во Мадрид пристигнале повеќе од 100.000 луѓе: дел од нив успеал да го гледа финалето на „Бернабеу“ (карта 10 евра, а оние кои доцнеле морале да одвојат и до 70 евра кај ’тапкарошите’), а другиот дел се упатил на плоштадот Сибелес каде следниот ден дојдоа Campeones.
Ако цените во хотелите биле лути со недели, ништо поинаку не било ниту last minute: оние со 3 ѕвезди (па нагоре) за ноќта меѓу сабота и недела 3 и 4 јуни чинеле вртоглави 1.200 евра за еднокреветна соба во хотел каде нормално чини од 60 до 150 евра.
Во младинските хостели кои обично важат за поприфатливи и со понормални цени до 25 евра во вообичаен ден, вечерта за финалето Јуве-Реал, кревет во 6-8 креветна соба чинел 300 евра!
За таа цена комотно човек можеше да отпатува за Кардиф.
ЗАВИСНОСТ ОД CR7
Уделот на Кристијано Роналдо во економијата на Реал (внатре и надвор од теренот) е огромен затоа што Португалецот е планетарен топ-бренд и од него зависи голем дел од туристичкиот прилив на Мадрид.
Што би било без Кристијано - главен стрелец во Лигата на шампионите сезонава со 12 гола од кои 8 меѓу четвртфиналето и полуфиналето? Без него Реал тешко ќе ги минеше Баерн и Атлетико а градот би имал штета.
СУВЕНИРИ CR7
Секако дека и без Роналдо Шпанија би излегла од рецесијата од која излезе неодамна, но интересно, во исто време со неговата експлозија на теренот.
Ако е вистина дека туризмот во Шпанија придонесува со 77 милијарди (да, милијарди) евра годишно или 6% од целокупниот буџет на државата (со повеќе од милион и половина лица инволвирани во тој сектор), секако дека и импактот на фудбалерот има своја тежина (како што има пропорцијално Меси во Барселона).
Во Мадрид просто неверојатно често е присуството на Роналдо на секое ќоше: дресови, маици, капи, чаши, привезоци, ладалки, сувенири со неговиот лик. Во секое тобако, на секој агол. Годишно, груба проценка е дека во Мадрид се продаваат околу милион дресови на Роналдо, а има секакви, од оние по 10, 15 и 20 евра по тезгите, па се до оригиналните од фан шопот на Бернабеу кои достигнуваат и до 80 евра.
Толку многу дресови не се продаваат ниту од Серхио Рамос, Хамес Родригез, Герет Бејл, Гризман и Марсело заедно.
ПРАВА АТРАКЦИЈА ВО ПРЕСТОЛНИНАТА
Ликот на Кристијано е испечатен и на многу билборди, постери и рекламни паноа. Така неговиот лик се наоѓа и на отворените градски автобуси за туристичка тура, како и на билборд зад статуата на легендарниот Франциско Гоја. Ликот на Роналдо ќе ве поздрави и доколку го посетите Музејот на восочни фигури Wax Museum.
На многу градски облакодери и згради се појавуваат мурали со неговиот лик, а и сопствениците на хостели сакаат да профитираат на него па ставаат големи покривни постери од Роналдо во собите.
Ако Роналдо за Реал вреди една милијарда како што тврди претседателот Флорентино Перез, тогаш за Мадрид вреди повеќе. Но горди какви што се, старите добри Мадриѓани никогаш нема да ви признаат. И тешко дека тие би излегле на плоштад да протестираат и да го молат да не си оди.
Живееле пред него, ќе преживеат и без него...