Горан Пандев денес се најде на насловните страни на сите медиуми од целиот свет, тврдејќи дека неговиот глас во изборот на ФИФА за најдобар тренер бил фалсификуван.
Веднаш пристигна реакцијата од ФИФА. Тие велат дека го имаат официјалниот документ испратен од Фудбалската Федерација на Македонија на 9 ноември минатата година. Во него пишува дека Горан Пандев гласал за Висенте дел Боске, Роберто Манчини и Јирген Клоп, но не и за Мурињо.
Знаејќи ги добрите односи на Пандев и Мурињо од времето на Интер, очекувано е дека нашиот капитен гласал за португалскиот стратег, а не за селекторот на Шпанија. Од тука се поставува и прашањето: каде е грешката? Дали проблемот е во „расипан телефон" помеѓу Пандев и ФФМ или пак ФФМ и ФИФА?