Кој е поранешниот голман на Македонија кој почина на 46 години?

Тие што се сеќаваат на репрезентацијата со Шаќири, Митревски, Ставревски, Захариевски, сигурно ќе се сетат и на „единицата“ Гоце Груевски. Бранеше за националниот тим, а страста за фудбал ја пренесе во најголемиот македонски клуб надвор од Македонија.

Гоце Груевски почина прерано на 46 годишна возраст, а веста за неговата смрт брзо се рашири во македонскиот печат откако утринава ја пренесе Престон Лајонс, клубот каде го имаше последниот ангажман.

Груевски запиша 8 настапи за македонската фудбалска репрезентација, три во квалификацискиот циклус за СП 2002 и уште пет пријателски. Во квалификациите бранеше против Шведска, Азербејџан и Словачка во период кога имаше силна конкуренција за голманската позиција со Петар Милошевски и Антонио Филевски.

Кариерата ја градеше во македонското првенство каде го носеше дресот на Победа, Вардар, Работнички, Беласица и Слога Југомагнат, а ја заврши во Австралија во 2009-та каде остана да живее.

Тој стана дел од Престон Лајонс, клуб со долга традиција створена од македонски иселеници уште во 1947-ма година.

Работеше како тренер на голманите и беше горд што е дел од таа уникатна фудбалска сторија каде и ден денес се вејат македонски знамиња и скандира „Македонија, Македонија“.

Се натпреваруваат во Австралија, а се гордеат со македонското во себе кое го носат од нивните татковци родени во Македонија.

 Документарецот за Престон Лајонс во кој зборува и Гоце

15 април 2021 - 11:07