За Мино Рајола, Здравко Мамиќ и Хорхе Мендез знаеме речиси сè. Нов лик во тоа друштво е украинскиот фудбалски менаџер Димитри Шелук кој 15 години му е агент на Јаја Туре и кој се однесува „што на ум, тоа на друм“.
Во две различни интервјуа пред шест години англиската јавност го запознала „Папушка“, човекот кој Туре така го вика поради „татковскиот“ однос што го имал со него. Туре пред шест години беше на пат да ја напушти Барселона. Шелук, кој не е агент каков што вообичаено познаваме затоа што се облекува екстравагантно и циркусантски, се жалеше во тоа време дека неговиот клиент не заработува доволно на Камп Ноу како што заработуваат неговите соиграчи.
Арсенал и Манчестер Сити беа најзагреани за Туре и дојде времето Шелук да удри џекпот.
На 19. мај 2010 година тој изјави: „Туре нема да биде замена за Цеск Фабрегас кој се враќа во Барселона. Јаја нема да игра за Арсенал. Има многу големи клубови кои се интересираат и тие опции ги сакаме повеќе“.
Преговорите со Сити не оделе лесно, така што Шелук, ексцентричен и избувлив Украинец уште еднаш се изглупира и изјави дека Сити се однесува како банкротиран клуб, иако „Граѓаните“ имаат најголем буџет во цела Англија.
Неколку недели подоцна на 7 јуни 2010 изјави: „Има многу интерес за Туре. Арсен Венгер го сака и ако условите се добри, се може да заврши многу брзо“. На 2. јули Туре потпиша 5-годишен договор со Сити на Роберто Манчини, тежок 200.000 фунти неделно!
Кога Јаја Туре изјави дека Шелук може да каже едно, а да мисли друго беше во право. И покрај тоа, фудбалерот му дал одврзани раце на 52-годишниот Шелук да одлучува за неговата кариера. Нивното пријателство трае 15 години а Јаја дури го крстил најстариот син по Димитри.
Шелук живее и во Барселона и во Монако, а пред неколку години потпишал спонзорски договор со Нисан и Пума вреден 3 милиони фунти. На неговиот Фејсбук профил стои слика од билборд со Шопар, екслузивен бренд на скапоцени часовници.
„Ги сакам моите играчи повеќе од парите“, изјавил во една прилика.
Јаја Туре летово требаше да замине од Етихад, но остана затоа што договорот му трае уште една година и потоа ќе биде слободен да бира нова средина. Токму неколкукратниот добитник на наградата најдобар фудбалер на Африка е клучот во богатството на Шелук кој нема други познати клиенти освен Жуниор Ахисан, 19-годишно крило од Брегот на Слонова коска кој игра во Динамо Киев и кој Шелук го смета за наследник на Туре.
Приказната меѓу Туре и Шелук датира од 2001. година кога играчот од средниот ред ја напуштил татковината и потпишал со белгискиот Беверен. Неговиот матичен клуб АСЕК Мимозас соработувал со Арсенал, така што во 2003. година дошол на проба кај Венгер но немал шанса да покаже се што знае. Коло Туре во една прилика призна дека неговиот помлад брат е многу понадарен за фудбал но немал понуди од никаде освен од Украина. Коло го советувал Јаја да не оди во Металург Доњецк (таму тренер му беше сегашниот селектор на Србија, Славољуб Муслин кој го седел Туре на клупа).
Наскоро стигнаа понудите од Монако па потоа и од Барселона и Шелук направил милиони од неговиот клиент.
Гвардиола и Туре уште во Барселона не се мирисале многу, затоа што Пеп во една прилика му рекол да престане да го слуша неговиот агент и само да бара повеќе пари.
Пеп не го регистрираше Туре за Лигата на шампионите сезонава, а фудбалерот уште не заигра за тимот ниту се појави на официјалната фотографија за тимскиот календар. Очигледно до јуни следната година фудбал за Туре ќе има само на тренинзите, освен ако неговиот агент јавно не се извини, изјави Гвардиола пред два дена.
Причина за тоа беше изјавата на Украинецот кој рече дека Гвардиола му кажал на Туре пред да замине од Барса да не оди во тој срање клуб Сити.