Според договорот со ФФМ, Друловиќ ќе ја води Македонија до крајот на квалификациите за ЕП 2016 во Франција, но и низ комплетниот циклус квалификации за СП 2018 во Русија.
„Укажана ми е голема чест, но и голема одговорност да ја превземам должноста селектор на репрезентацијата на Македонија. Му се заблагодарувам на претседателот на сојузот Илчо Ѓорѓиески што ми укажа доверба. Сите кои ме познаваат знаат дека ќе дадам сè од себе за да направиме успех. Ќе се трудам да покажам дека моето доаѓање е добро за македонскиот фудбал. Ветувам максимален труд и залагање“, беше првата изјава на Друловиќ.
Љубинко Друловиќ е роден во 1968 година во местото Нова Варош. Играчката кариера ја започна во Слобода Ужице во 1989 година, од каде премина во Рад. По четири години во југословенскиот фудбал, Друловиќ замина во Португалија каде настапуваше за Жил Висенте.
Круна на кариерата му беше престојот во португалскиот гигант Порто каде играше од 1994. до 2001. година и на 225 натпревари постигна 40 голови. Од Порто премина во лутиот ривал Бенфика каде од 2001. до 2003. година настапи на 55 средби и даде 5 голови. Кариерата ја заврши во клубот Пенафиел во 2005. година. За репрезентацијата на Југославија играше пет години од 1996 до 2001 година и на 38 средби постигна три голови.
Во португалскиот фудбал, Друловиќ како играч освои 14 трофеи: 5 титули државен првак, 4 португалски Купови и 5 Супер Купови.
Нашите фудбалери се наоѓаат во незавидна ситуација после пет кола во квалификациите за ЕП. Македонија е претпоследна во групата Ц со само една победа и четири порази.
„Пред нас има уште пет натпревари во квалификациите за ЕП, а тие средби ќе бидат голем предизвик. Никој не може да гарантира успех, но можеме да ветиме многу работа. Потребни ни се играчи со силен карактер, кои ќе се вклопат во тимот и ќе бидат во служба на резултатот", порача Друловиќ.
Во тренерските води, Друловиќ влезе во сезоната 2006/2007 кога го превзема португалскиот Туризенсе. Беше тренер уште и на Драва Птуј во Словенија и Примиеиро де Агосто во Португалија.
Најголем успех оствари како селектор на репрезентацијата на Србија до 19 години, која под негово водство стана европски шампион во Литванија пред две години. Во февруари 2014 година е именуван за в.д. селектор на Србија, а репрезентацијата на Србија ја предводеше на четири натпревари и оствари две победи (Република Ирска 2-1 и Јамајка 2-1), нерешен резултат (Панама 1-1) и пораз (Бразил 0-1).
Официјалната промоција на Друловиќ е закажана за 28. април во Куќата на фудбалот на ФФМ, а неговото деби се очекува на 14 јуни кога ѝ гостуваме на Словачка во квалификациите.