Хавиер Занети
Легендата на Интер ја доигра сезоната 2013/2014 и се повлече од фудбалот. Ќе остане запаметен како икона на клубот и одличен пријател на Морати кој беше еден од првите негови трансфери во 1995 година.
„Ил капитано“ со 862 одиграни меча е рекордер по бројот на настапи за Интер, како и за селекцијата на Аргентина за која одигра 145 меча. Стигна до 5 Скудета во Серија А, а во 2010 година ја освои Лигата на шампионите.
Клубот го повлече неговиот дрес со број 4 и го именува за потпретседател.
Карлос Пујол
Го сметаа за еден од најдобрите дефанзивци во светот. За Шпанија одигра 100 меча, а капитенската лента на Барселона ја носеше 10 години.
36 годишниот Пујол богатата кариера на „Камп Ноу“ ја заврши со 6 првенствени титули, 3 во Лигата на шампионите, 2 купа...
Габриел Ханјце
Со ист број на години годинава од фудбалот се прости уште еден познат играч од одбраната. Во кариерата облекуваше дресови на големи екипи како ПСЖ, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Марсеј и Рома.
За Аргентина одигра 72 меча, со Јунајтед освои 3 титули, а најмногу настапи имаше за Реал Мадрид, вкупно 404.
Мауро Каморанези
Аргентинецот со италијански пасош кариерата ја заврши во својата земја со Расинг, но стана славен откако го облече дресот на Јувентус.
Тој беше еден од ретките кој му остана верен на италијанскиот гигант кога поради скандалот Калчополи во 2006 беше исфрлен во втората лига. За 8 сезони освои 3 Скудета, Лига на шампиони и два пати куп, а со Италија стана и светски шампион.
Кларенс Сидорф
Холандскиот играч од среден ред е единствениот кој ја освоил Лигата на шампионите со три различни клуба. Тоа му успеа со Ајакс, Реал Мадрид и Милан.
Мина 10 незаборавни години во Милан, а кариерата ја заврши во бразилскиот клуб Ботафого од каде се врати на „Сан Сиро“ и кусо време беше тренер на „Росонерите“.
Рајан Гигс
12 титули во Премиер лигата, 4 ФА купови, 3 Лига купа, 9 Комјунити Шилдс, 2 пати Лига на шампиони и по еден Европски Супер куп, Интерконтинентален куп и Светско клупско првенство.
Поранешната легенда од „Олд Трафорд“, сè уште се наоѓа таму, како помошник тренер на Луи Ван Гал и тој е најуспешниот британски фудбалер во историјата кој играше во форма до 40 години.
Хуан Себастијан Верон
Манчестер Јунајтед го купи за 28.5 милиони фунти, а Челси за 15 милиони, но и во двата клуба поранешниот аргентински репрезентативец не остави голем белег.
Неговите златни денови се случуваа во Лацио со кој стигна до Скудетото во 2000-та и во тој период беше сметан за еден од најдобрите играчи од среден во светот.
Ривалдо
Откако го напушти Милан во 2004 година бразилската ѕвезда направи повеќе екскурзии меѓу кои и грчкото првенство каде играше за екипите на Олимпијакос и АЕК.
Ќе остане запаметен по најдобрите партии во дресот на Барселона и селекцијата на Бразил како дел од триото Ривалдо-Роналдињо-Роналдо кое го подигна златниот пехар на Мундијалот во 2002-та.
Тиери Анри
Најдобриот стрелец во историјата на Арсенал и Франција 20 годишната фудбалска кариера ја заврши пред 4 дена, а ќе продолжи како коментатор.
Играше за Монако, Јувентус, Арсенал, Барселона и Њујорк Ред Булс, а најголем белег остави во Лондон каде во дресот на „Топџиите“одигра 377 меча и постигнаа 228 голови.
Жунињо
Ако му го пишете името на Јутјутб ќе ви излезат еден куп видеа со голови од слободен удар. Бразилецот беше познат по усовршувањето на специфичниот шут “сув лист“ кој му успеваше и од 40 метри.
Најпрепознатлив стана во Лион со кој освои 7 титули во првенството, а потоа се проба во САД и Катар.
Ерик Абидал
На поранешниот член на Барселона во 2011 година му дијагностицираа тумор на црниот дроб, но и покрај операцијата тој продолжи уште да игра.
Со Каталонците освои 7 титули во Примера и 2 во Лигата на шампионите, а кариерата ја продолжи во Монако и Олимпијакос. Пензионирањето го најави денеска на прес конференцијата на грчкиот клуб.