Кога фудбалерите на Обилиќ му дадоа голем опинок на Баерн Минхен

Српскиот клуб Обилиќ чиј сопственик беше командантот на Српската доброволна гарда и пратеник во српскиот парламент Жељко Ражнатовиќ-Аркан, една сезона им ја зема титулата на „вечните шампиони“ Црвена звезда и Партизан и играше квалификации за Лига на шампиони.

Во летото таа 1998-ма година ждрепката ги спои Обилиќ и моќниот германски хегемон Баерн Минхен.

Првиот натпревар се играше во Германија. Пред натпреварот на свечена вечера во чест на гостите од Белгад, со одбрани зборови за ривалот зборувал легендарниот Кајзер Франц Бекенбауер.

Од друга страна како претседател на клубот Обилиќ тогаш се водеше најпознатата пејачка на овие простори Светлана Ражнатовиќ - Цеца. Таа во говорот пред домаќините досетливо рекла: „Дојдовме во Минхен да се докажеме на спортски план. Ви посакуваме многу успех во домашното првенство и во Купот на УЕФА“ и ги насмеала присутните со алузијата дека Обилиќ ќе игра на крајот во Лига на шампиони.

Но Баерн е Баерн, па тој натпревар го доби 4-0.

Моќниот Баерн Минхен на реваншот во Белград дојде во страшен состав со Оливер Кан на голот, Линке, Матеус и Хелмер во одбраната, а во средниот ред Штрунц, Штефан Ефенберг, Јенс Јеремис, Тарнат, Салихамиџиќ и во нападот Бразилецот Џовани Елбер и Карстен Јанкер. Од клупата ги водеше еден од најтрофејните германски тренери Отмар Хицфилд.

На клупа кај Баварците беа играчи како Али Даеи, Торстен Финк, Александар Циклер, Самуел Куфур, Биксент Лизаразу...

За Обилиќ играа: Лукиќ, Бабеу, Савиќ, Мркиќ, Ранковиќ, Гроздиќ, Серафимовиќ, Васиљевиќ, Шарац, Живковиќ, Зориќ. Тренер Остојиќ.

Реваншот се играше на стадионот на Партизан затоа што стадиончето на Обилиќ во белградската населба Душановац не ги исполнувало условите за одигрување така голем натпревар за Лига на шампиони:

Натпреварот го судеше познатиот шпански судија Антонио Хесус Лопез Нието, се играше пред 8.500 гледачи. Пред натпреварот, капитенот на српскиот тим Марјан Живковиќ му подари на капитенот на Баерн Хелмер голем, украсен опанок, како дел од српската традиција>

Додека играчите се загревале, по теренот си шеткало малото тигарче, маскота на клубот Обилиќ и заштитен знак на паравоената формација „Арканови тигри“.

Натпреварот од трибините го прател и легендарниот навивач на Партизан, Миша Тумбас кој цела средба со својот препознатлив и груб глас урлал по Бразилецот: „Елбееер! Елбеееер!“

Во второто полувреме кога Александар Циклер го заменил Елбер, бразилскиот ас пришол до оградата каде што стоел Миша Тумбас и му го подарил дресот за неуморното урлање.

Обилиќ тогаш интересно поведе прв преку левиот бек Драган Шарац (подоцна играше и за Црвена Звезда). Баерн Минхен израмни во последните моменти од дуелот, во 90-та минута со гол на Лотар Матеус на асисенција на Михаел Тарнат.

Интересно, Баерн Минхен таа сезона стигна дури до големото финале на Лига на шампиони, она епското против Манчестер Јунајтед во Барселона кое засекогаш ќе се памети по лудата завршница.

Ова беше најголемиот резултат за српскиот клуб кој сега игра во пониските лиги и е далеку од сериозна фудбалска мапа во Србија.

22 јануари 2025 - 09:34