Како примери ќе ги земеме екипите кои викендов ни приредија празник за очи од девет гола, а тоа се Манчестер Сити и Арсенал. Нивните двајца најскапи играчи Јаја Туре и Месут Озил неделно кешираат по 180.000 фунти, плата за која обичните смртници треба да се окозат од работа неколку години.
Граѓанскиот сојуз „Citizens UK" направи математика дека за огромната неделна плата кои ја примаат овие две ѕвезди, на една хигиеничарка која е со фул работно време во англиски клуб потребно и е да работи 13 години.
Според тоа излегува дека дневно таа заработува по 37 долари, неделно 265, месечно 1062 или на годишно ниво 12,746, пари за кои фудбалерите не би се сложиле да ги земаат и како бонус за еден постигнат гол.
Овие бројки покажуваат дека моќните фудбалски клубови кои располагаат со буџети од стотици милиони евра зад кои стојат руски, американски или арапски тајкуни не се многу дарежливи за персоналот во клубот.
Младиот Ричард Поку кој работел како келнер во угостителските служби на повеќе премиер лигаши и ги служел фудбалерите на Челси, Арсенал и Тотенхем заработувал 6 фунти на час.
„Смешни се овие пари кои ни ги даваат затоа што има луѓе кои доаѓаат од многу далеку и не можат практично ништо да заработат. Фудбалерите не разбираат дека нивните успеси се изградени на грбот на нас работниците. Тие заработуваат многу пари затоа што луѓето плаќаат за да ги гледаат и со тоа ние им служиме за нив", вели 19 годишниот Ричард.
Но уште еден поголем проблем за овие луѓе е што клубовите во Премиер лигата немаат пракса да ги вработуваат и ги викаат хонорарно по потреба. „Citizens UK" направи кампања за воведување на најниска плата за овие работници која би била околу 8 фунти на час, но освен Манчестер Сити ниту еден друг клуб не покажал интерес.
Директорот на Арсенал, Иван Газидис кој инаку заработува 2 милиони евра годишно, кампањата иронично ја нарече "добронамерна" која според него е проблематична поради некои комплексни и политички причини.
Многу Англичани кои се засегнати со овој проблем сметаат дека нерамнотежата помеѓу највисоките и најниските плати во фудбалските клубови е толку нелогична што претставува цел за постојана кампања.
Некои клубови тоа го правдаат со тезата дека ако не им даваат пари на играчите онолку колку што бараат, тие ќе заминат кај некој ривалски клуб, но чистачите и келнерите велат дека така не играат фер плеј спрема нив.