Платини и УЕФА цврсто го бранат својот предлог Мундијалот во Катар 2022. година да се игра во јануари, а Блатер и ФИФА запнале за ноември.
Во понеделникот се огласи и ЕКА (европска клупска асоцијација) која што го предложи петтиот месец во годината како идеален за фудбал во арапската земја.
Според ЕКА, Светското првенство би почнало 28-ми април, групната фаза би се завршила до 12-ти мај а финалето да се игра на 29-ти мај. Претставниците на клубовите сметаат дека списокот на патници, секоја репрезентација треба да го достави најдоцна до 18-ти април 2022. година.
Предлогот на ЕКА има позитивни страни, затоа што нема да се преклопува со Зимските игри предвидени за истата 2022. година. Клубовите би ја почнале сезоната на средината наместо на крајот од август, 1/8 финале од ЛШ би се играло во 2 недели, а ќе се тргнат пријателските за репрезентации предвидени за март. Климата во Катар, според ЕКА во мај месец не оди повеќе од 29,4 степени Целзиусови, колку што е лимитот за играње фудбал на СП. За потсетување, во Бразил летово и во САД '94-та Мундијалите се играа на +35 степени. Натпреварите во Катар би се играле во термини 18:00, 20:00 и 22:00 по европско време.
На ставот на ЕКА не му оди во прилог тоа што Копа дел Реј и ФА куп би требале да почнат уште во јуни, веднаш по завршувањето на Светското првенство. Последниот збор го имаат ФИФА и Сеп Блатер, но клубовите се решени Светското во Катар да се игра на пролет.