Клубот без град кој игра Лига на шампиони

Во второто коло од Лигата на шампионите Рома вечерва му гостува на шампионот на Азербејџан којшто е во егзил во Баку повеќе од 20 години по разурнувачката војна во Агдам.

Вечерва на теренот нема да биде Франческо Тоти, тазе славеникот кој неодамна наполни 41 година и го прослави првиот роденден без омилениот дрес на него. Токму Тоти на ждрепката во Монтекарло извлече гостување за Рома далечно 3.000 километри до Баку, главниот град на Азербејџан каде игра Карабах.

Далечно и тешко гостување против клубот кој потекнува од Агдам, „град на духовите“, западен Азербејџан, град срушен до земја од војската на самопрогласената Република Нагорно-Карабах помеѓу 1992 и 1994 година по разделбата на СССР.

Независноста на оваа територија која не е признаена од ниту една земја членка на Обединети Нации предизвика тивка но многу крвава војна која што однесе околу 30.000 човечки жртви, предизвика етничко чистење и егзодус на милион бегалци кои останаа внатре во границите на земјата. Двете страни се бореле за контрола над Нагорно-Карабах, карпест реон кој паѓа на самата граница меѓу Ерменија и Азербејџан и е населен претежно од Ерменци.

Денес градот Акна (некогашен Агдам а во 2010 преименуван во Акна) изгледа како една голема пештера под отворено небо. Од овој град потекнува Карабах, фудбалскиот клуб кој како азилант стана редовен шампион на Азербејџан.

ЗБОГУМ АГДАМ

Фудбалскиот клуб Карабах играл во Кузанли, предградие на Агдам со 13.000 жители. Не постои веќе стариот стадион Имарат, театрот на кој се прославила првата титула освоена 1988 година. Овој стадион бил целосно срушен од Ерменските сили.

Клубот се соочил со голема несреќа кога за време на конфликтот, поранешниот тренер Алахверди Багиров со својот џип нагазил на мина. Две години подоцна го прогласиле за народен херој во Азербејџан.

Фудбалерите од овој клуб биле лишени од служење воен рок. На 23 јули 1993 година, една недела по страшните судири, Карабах го победил Казар Сумгајит и станал шампион но без прослава на титулата затоа што во истовреме ги тргале остатоците од гранатите со цел да ги најдат пријателите и роднините по окупацијата од соседна Ерменија.

Ниту последните големи успеси во својата држава не го убедиле клубот да слави во родната земја, затоа што клубот е во егзил повеќе од 20 години и е симбол на еден народ кој изгубил сè. На стадионот Olimpiya Stadionu во Баку ќе се игра финалето на Лига Европа 2019 а Карабах игра на стадионот Azersun Arena во главниот град.

ШЕФОТ Е ОД ИРАН

Предводени од тренерот Гурбан Гурбанов (45) којшто е поранешен центарфор на репрезентацијата и кој го води клубот од 2008-ма, Карабах освои четири титули по ред. Најголемиот успех во клупската историја го остварија летово кога за првпат се квалификуваа во Лигата на шампионите откако во претходните рунди ги елиминираа Самтредиа, Шериф и Копенхаген.

Сопственик на клубот е Абудалбари Гозал, ирански магнат со турско потекло којшто е главен на Азерсун Холдинг, компанија во земјоделскиот сектор. Вредноста на тимот е 18 милиони евра и има 14 странци кои имаат двојни пасоши.

ПО ЧЕЛСИ, СЕГА ИГРААТ СО РОМА

Карабах важи за домашна екипа која што нема пораз на последните 8 европски натпревари. Од друга страна Рома нема победено на гости во Лига на шампиони дури 10 меча по ред (последен пат 2-3 во Базел во 2009-та). Рома победи само еднаш на последните 14 средби во ЛШ против Баер Леверкузен во 2015.

Во првото коло и дебитантскиот настап во ЛШ, Карабах загуби со 6:0 од Челси на „Стемфорд Бриџ“.

Од 2012 до 2015 и потоа во 2016-та, дресот на Карабах го носеше и Муарем Муарем, повремениот македонски репрезентативец кој со овој клуб играше и во Лига Европа. Интервјуто со него за Карабах и Азербејџан тука.