Ако до пред 1 година најголем страв на фудбалските клубови за време на репрезентативните прозори беше кој од фудбалерите ќе се врати здрав а кој повреден, сега најголема мака се позитивните слуачи на Ковид-19.
Меѓу најпознатите фудбалери на репрезентативен собир пред 1 месец позитивен беше Кристијано Роналдо. Во Серија А покрај Португалецот, инфициран од вирусот се врати и Диавара од Рома по собирот со неговата Гвинеја, како и Бастони од Интер и Габија од Милан.
Пред неколку дена позитивен испадна и Луис Суарез за време на собирот со Уругвај за Јужно-американските квалификации. Позитивни во своите клубови се вратија и Един Џеко, Марсело Брозовиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Александар Коларов, Дарко Лазовиќ, Елсеид Хисај, Роберто Гаљардини и други.
Најголема штета од вирусот претрпи Украина чија репрезентација имаше повеќе позитивни фудбалери па УЕФА во договор со швајцарските власти го одложи мечот од Лига на нации меѓу Швајцарија и Украина.
Претходно во Премиер лигата, Ливерпул дозна дека Мо Салах бил позитивен на тестирањата со Египет на гостувањето кај Того во квалификациите за Купот на Африка. Ист е случајот и со Мохамед Елнени од Арсенал.
Премиер лигата соопшти дека има 16 позитивни случаи од 1.207 тестирани од 9 до 15 ноември.