Кладбата на Гатузо со полжавот за кој добил 15.000 евра

Џенаро Гатузо е вечна инспирација за новинарите кои секогаш можат да изнудат некои нови одговори и анегдоти кои ги кажува на свој посебен начин. Интервјуто е направено пред да стане тренер на Милан и сигурно открива работи кои не сте ги знаеле за него.

Гатузо одговата во Гатузо стил, отворен до коска. За противниците не одговара класично: Ги респектирав, туку вели: Сакав да им удирам клоци. Славниот играч на Милан опишува тројца свои поранешни колеги, кажува што ќе бил ако не станел фудбалер, објаснува како ги доживувал важните натпревари, раскажува анегдота и признава дека бил чакнат.
 
Како ги гледал противниците
 
Кога играв фудбал, сите ривали ми беа непријатели и ги мразев сите до еден. Не ми беше гајле за нив, сакав да страдаат и сакав да им удирам клоци во газ. Кога влегував во тунел никого не гледав во фаца. Бев сконцентрирам на играта и тоа беа моите цели. Тешко ги поздравував играчите.
 
За сопствениот памет
 
Јас бев еден од оние кои беа луди по оваа игра. Бев грешен во паметот. 18 или 19 години фудбалот беше единствената работа на која што мислев. Внимавав што јадам па дури внимавав да не се напијам ниту чаша вино. Затоа денеска повеќе не ми недостига играњето фудбал. За време на кариерата направив повеќе жртви од што требаше.
 
Емотивниот Гатузо
 
Никој не можеше да ми биде цимер. Секогаш бев сам во соба. Кога имавме важни натпревари, понекогаш се будев во 4 сабајле и гледав тв, па по еден час повторно заспивав, така што не би било фер некој да го трпи тоа. Многу емотивно ги доживував натпреварите, имав проблеми со спиење и често се будев сред ноќ. Сега фала му на бога спијам добро.

Проблеми со коските
 
Докторот на Милан ми кажа дека имам тешки коски и дека имам проблеми со 'рскавиците. И тоа до толку тешки што кога ми правеа операција морале да сменат два скалпери кои им се скршиле.
 
Младите тогаш и сега
 
Разликата меѓу времето кога јас почнував и сега кога почнуваат младите е огромно. Кога јас бев млад, морав да се борам за сè. Не знам дали бев третиран подобро или полошо од другите. Имав огромен респект спрема постарите. Не беше лесно, но ако го издржиш тоа искуство и ако останеш свој, ќе им го пренесеш на следната генерација. Сега мислам дека не е така и дека младите живеат во свој свет.
 
Кладбата за полжавот
 
Ден пред важниот меч Милан - Манчестер, бевме сите сконцентрирани во круг. Имаше полжав на земја и сите ми велеа дека немам храброст да го изедам жив. Им реков океј, дајте ми сите по 500 евра и ќе го изедам. Парите сакав да им ги дадам на нашите четворица кондициони тренери. Го изедов полжавот, им земав 15.000 евра и им ги дадов на тренерите.

Кој го нервирал најмногу
 
Многу ме нервираше Масимо Одо и често ме зезаше. За време на една вечерва, виљушката му ја забив на маса меѓу прсти.
 
За Ибра
 
Ибрахимовиќ имаше победнички менталитет и не можеше да сфати дека не може сите да играат како него. Секогаш му велев: Ти заработуваш 12 милиони евра по сезона, невозможно е сите да играат како тебе. Некои играчи се ограничени, немој да им правиш притисок. Проблемот кај него беше што им вршеше огромен притисок. Кога некој немаше да биде спремен, Ибра го кршеше.
 
За Кака
 
Кака носеше наочари, беше пристојно момче, секогаш без брада со мазно лице. Изгледаше на студент, но по 15-20 дена во Милан се чувствуваше прекрасно. На почетокот се зборуваше дека е бавен. Се сеќавам на една анегдота. На првиот третинг кога требаше да се соочам со него, по неколку минути се свртив и им реков на Браида и Анчелоти: Појма немате од фудбал ако мислите дека е спор.

За Малдини
 
Паоло Малдини за мене е најдобриот играч, најдобриот пријател. Тој беше шампион во фудбалот и шампион во животот.
 
Му се исполни желбата
 
Нормално дека еден ден би сакал да го тренирам тимот кој ме направи славен, тимот за кој навивав од секогаш и за кој играв 14 години. Се надевам дека тоа ќе се случи еден ден.

Од каде доаѓа
 
Доаѓам од типично рибарско село кое се вика Скјавонеа и сите мои пријатели кои ги посетувам кога можам се рибари. Инаку моите биле столари и граделе бродови. Мислам дека ако не бев фудбалер, ќе бев рибар.
 
Што му е пасија (освен фудбалот)
 
Мојот втор живот е гастрономијата, а тоа почна кога почнав да играм во Глазгов во 1997-ма. Таткото на мојата сопруга, Марио Романо кој повеќе не е жив, имаше можеби 20-25 ресторани во Глазгов. Мојата страст за храна почна кога го сретнав Марио. Јас почнав со ресторан во Милано кој се уште постои и сега имам и рибарница. Многу сакам вино и јас сум еден од оние кој по завршувањето на кариерата пие дневно по две чаши црвено вино. Претходно бев типичен Италијанец и пиев само италијански вина, но сега пробувам и странски и морам да признаам дека многу од нив се со висок квалитет. Во мојот ресторан може да се пробаат и вината на Андреа Пирло, кој мора да кажам дека ги прави многу добро.

28 февруари 2018 - 14:32