Приказната за Атлетико Мадрид потсетува на Порто кој под водство на Жозе Мурињо пред 10 години успеа да ја изненади Европа и тоа освојувајќи го пехарот две години по ред и во двете клупски европски натпреварувања.
Главните играчи потоа го напуштија тимот и заминаа во поголеми екипи за поголеми пари, како на пример Карваљо и Фереира во Челси, а Деко во Барселона. Со истото ќе морат да се помират и навивачите на Атлетико, но во овој случај клубот е приморан да продава.
Атлетико Мадрид е во тешка финансиска состојба и има долгови од околу 400 милиони евра кои се однесуваат кон државата, банките, како и спрема други клубови на кои се уште им должат пари за трансфери.
Како финалист во Лигата на шампионите, Атлетико заработи 63 милиони евра, но долговите им се темелат со години, па така само за данок кон државата треба да исплатат 160 милиони евра. Поради тоа голем дел од златните момчиња на Симеоне веројатно наредната сезона ќе ги гледаме во други дресови.
Прв кој ќе ги пакува куферите е Диего Коста. 25 годишниот Бразилец со шпански пасош дојде од Брага за 900.000 евра, но веќе потпиша пред договор со Челси каде ќе заработува 6 милиони евра по сезона, три пати повеќе од сега. За него во касата на Атлетико ќе легнат 40 милиони евра.
Поради високите плати на Диего Рибас од 3 и Давид Виља од 5 милиони евра, Атлетико можно е да се ослободи и од овие двајца играчи, а не е за исклучување да стигнат понуди и за Годин, Фелипе Луис и Коке.
Шампионот на Шпанија се бореше рамо до рамо, па дури и беше подобар од гигантите Барселона и Реал Мадрид во најважните мечеви оваа сезона. Каталонците ги добија во борбата за титулата во Примера, во финалето од Копа дел Реј и ги елиминираа во ЛШ, додека во Лисабон против „Кралевите“ до 93 минута го имаа и европскиот трофејот во раце.
Но Атлетико е далеку послаб клуб во однос на моќта и парите. Оваа сезона оствари приходи од 120 милиони евра, што е околу четири пати помалку од парите кои се вртат во Барселона и Реал.
„Кралевите“ минатата година потпишаа пет годишен договор со „Fly Emirates“ според кој заработуваат 30 милиони евра годишно, а Барселона од 2011 година е со „Qatar Foundation“ за сума од 170 милиони евра.
За споредба Атлетико Мадрид од почетниот спонзорски договор со Азерјбеџан од јануари 2013, за сезона и половина заработи само 12 милиони евра. Тие не можат да се мерат и на полето околу ТВ правата каде двата гиганти прават огромни милионски договори поради нивната глобална популарност.
Атлетико новиот милениум го почна со многу турбулентни моменти. Во 2001 година испадна во втората лига, а во 2010 и 2012 година славеше четири пати на меѓународна сцена. Два пати во Лига Европа по што го освојуваше и пехарот во Европскиот Супер Куп.
Распродажбата на моменталните бисери во клубот нема да биде прва. „Висенте Калдерон“ го напуштија играчи од калибарот на Торес, Агуеро, Форлан и Фалкао, а нападот наредната година ќе биде осиромашен без Диего Коста.